За обвинувањата на СДСМ дека создал хаос со исплатата на пензиите и дека Уставниот суд се уште одлучил за линеарното покачување на пензиите, премиерот Христијан Мицкоски вели дека не ги коментира изјавите од СДСМ туку истакна дека вчера на пратеничките прашања бил многу прецизен во одговорите.
-Кажав дека имам информација со кои е почната постапка и дека судијата известувач ставил потпис на конечниот извештај со кој се укинува линеарното зголемување на пензиите од следниот месец. Дали тоа ќе се случи, ќе видиме наскоро. Би сакал да не сум во право, посакувам да не е така, но, што ако сум во право? Тогаш кој прави хаос и кој свесно удира по стандардот на пензионерите? Владата со тие мерки сакаше да го подобри стандардот на повеќе од 350 илјади пензионери. Некој друг има поинакви намери, рече премиерот.
„Владата на Христијан Мицкоски создаде тотален хаос со исплатата на пензиите. Освен што ги излажа пензионерите, сега се обидува вината да ја префрли на некој друг. Ако власта на ВМРО-ДПМНЕ доставила во Собранието закон кој е неуставен, не може некој друг да биде крив освен тие што го поднеле“, реагираа денеска од СДСМ.
Оттаму потсетуваат дека веќе има одлука на Комисијата за заштита од дискриминација која потврдува дека е сторена дискриминација и даваат рок за да направат измени на Законот кои сè уште не се поднесени.
„Веќе има и судски тужби кои ќе ја чинат државата многу. Со катастрофално лошите политики на ДПМНЕ дупката во Фондот за ПИОМ е над една милијарда евра, односно толку пари државата ќе префрла за да можат да се сервисираат секој месец пензиите. Ова е реалноста, а сè друго е спин од страна на власта“,нагласуваат од најголемата опозициска партија.
Мицкоски вчера во Собранието, за време на седницата за пратенички прашања, рече дека Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и веќе од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии.
Според Мицкоски, одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите веќе била потпишана од страна уставната судијка Добрила Кацарска, која пред Уставниот суд ја иницира оваа постапка, за оцена на уставноста на последните законски измени со кои пензионерите добија по илјада денари линеарно зголемување во септември, а исто толку треба и во март идната година.
Уставниот суд, пак, го демантира Мицкоски. Оттаму информираа дека не е донесена конечна одлука за предметот што се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познато како линеарно зголемување на пензиите.