„Помина цел ден а Владата на Мицкоски како да зенемела за скандалот што го објавивме, нема одговор на ниту едно прашање што го поставивме. Криминалната Владата молчи за тендерите од 9 милиони евра за фирма со двајца вработени формирана минатата година“, порачаа утрово од СДСМ откако вчера објавија за наводен скандал со фирма која била формирана лани и има само двајца вработени.
СДСМ ја прашува Владата „дали им ги фативме криминалните шеми на кој начин преку „најповолни“ понуди се местат тендери, па се бранат со молчење?“.
„Тоа што ДПМНЕ одговара во име на институциите е дополнителна потврда дека криминалните шеми се направени во Белата палата. Затоа ги знаат сите детали за тендерите. Ова што се случува во Македонија е организиран грабеж за испумпување на парите на граѓаните преку наместени тендери во едни исти фирми.
Тоа е истата криминална шема на Никола Груевски кој испупмпа 2 милијарди евра а денеска е бегалец од правдата. Ученикот Мицкоски само го прави она што научил од неговиот ментор и учител.
СДСМ ќе продолжи, со факти, со докази, со аргументи и документи да го разобличува криминалот на владата на Мицкоски“, порачаа од најголемата опозициска партија.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ вчера изјави дека ова е првиот од серијалот случаи што ќе ги презентираат. Според него, фирмата „Дигитал оне“, основана кон крајот на август минатата година и со само двајца вработени, за една година добила тендери во износ од речиси девет милиони евра. Сите договори биле склучени со државни институции во периодот од мај 2025 до ноември 2025 година.