Мал број на пензионери денеска се собраа пред Уставниот суд каде што протестираат против одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалиското осигурување. Станува збор за одредбата со која се зголемуваат пензиите, во јавноста позната како „линеарно зголемување“.
Пред медиумите се обрати извесен Зоран Трајков кој што се претстави како дел од Иницијативниот извршен одбор од 40 и повеќе здруженија, за кои рече дека и претходно се бореле за правата на пензионерите и за линеарното покачување.
-Се собравме и за тоа зошто пензионерите да бидат поделени. Има пензионери со високи примања. Каде е грижата за пензионерите со мали пензии кои не можат да си ги покријат најосновните трошоци? За тоа треба некој да поведе грижа, рече Трајков пред медиумите и порача дека наредниот протест на пензионерите ќе биде пред Канцеларијата на ЕУ во центарот на Скопје, за да му ги кажат своите проблеми и на евроамбасадорот Михалис Рокас.
Тој побара да престанат поделбите на пензионерите. Вели дека целата ситуација ја подгреваат одредени политички партии, но, не сакаше да именува никого.
-Многу убаво знаат од каде потекнуваат сите работи. Тоа не е убаво. Оваа борба е и за идните генерации на пензионери, да бидат со чест и достоинство, да не утре да не можат корка леб да јадат или да не можат лековите да си ги купат. За оваа работа, не треба да се гледа сеир – тука треба да се соберат сите незадоволни. Македонија еднаш засекогаш треба да биде обединета, кажа претставникот на пензионерите.