Македонија не може да го заобиколи бугарското вето иако сè погласно се зборува за членство без право на блокада

Македонија залудно се надева на заобиколување на ветото во ЕУ: „Мора да се насочиме кон нашите обврски, уставните измени и реформите“

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Црна Гора нема да има можност за вето во процесот на преговори со другите земји-кандидатки за членство во ЕУ, објави вчера подгорички „Вијести“, повикувајќи се на неименувани, но, како што велат, добро информирани извори во процесот на преговори меѓу Црна Гора и ЕУ. Во сите други случаи – освен ако не станува збор за таканаречени заштитни мерки кои се временски ограничени од шест месеци до неколку години – Подгорица ќе има право на вето, како и секоја друга членка на ЕУ, вели истиот извор.

Со други зборови, Црна Гора нема да може да ги оствари своите интереси и цели во билатералните односи користејќи го процесот на преговори, како тоа што го прави Бугарија со Македонија или пред неколку години како што правеше Словенија со Хрватска со кандидатите. Ова ќе важи за Албанија и за секоја идна членка на ЕУ.

Знамиња на Црна Гора и НАТО

Ова е стар германски предлог кој е целосно усвоен од голем број земји-членки на ЕУ и практично постои консензус во Унијата дека оваа мерка треба да биде вклучена во Договорот за пристапување на Црна Гора со ЕУ. Албанскиот премиер Еди Рама веќе јасно стави до знаење дека Тирана нема да има проблем да се откаже од своето право на вето врз другите членки на ЕУ, напротив, со задоволство ќе се откаже од него.

Ваквата најава која доаѓа од Црна Гора, со голем интерес би се гледала и од аспект на македонско-бугарските односи односно дали би можело да се изврши притисок врз соседот по овој основ. Дел од домашните експерти кои ја следат оваа проблематика, велат дека ова се уште се третира како предлог за кој се повеќе се зборува во бриселските кругови. Сепак, според политикологот Димитар Николовски, тоа не е крајно донесена одлука за која сме сигурни дека би била ефективна.

Димитар Николовски/Фото: Евротинк.мк

-Ваквата одлука, сепак не би имала никакво влијание на нашиот проблем со Бугарија, кои ќе имаат право и понатаму на потенцијално вето за нашиот процес. Доколку се донесе ваква одлука, таа би спречила евентуални вета од Албанија, доколку влезе во ЕУ пред нас, истакнува Николовски во изјава за „Локално“.

Со сличен став е и извршниот директор на „Преспа институтот“, Андреја Стојковски. Во изјава за „Локално“ вели дека ова нема да има никаков импакт на постоечките држави членки.

-Оттаму, на нас фокусот треба да ни биде на нашите обврски, уставни измени и реформи. Единствено од помош ќе биде за државите кои сега пристапуваат да не се блокираат самите меѓусебно, на пр. Албанија-Македонија, Црна Гора-Босна и Херцеговина итн, потенцира Стојковски.

Андреја Стојковски/Фото: Преспа Институт

Приказната за „отстранување на ветото“ на новите членки ја презедоа некои германски тинк-тенкови и новинари во Брисел. Европската комесарка Марта Кос се осврна на темата во интервју за „Фајненшл тајмс“, но нејзините зборови беа погрешно протолкувани. Англискиот текст беше корегиран, но речиси никој не обрна внимание на корегираната верзија, бидејќи самата теза за елиминирање на ветото им се допадна на дел од публиката, додека за други се покажа како погоден повод за сензација и кликови.

Кос не зборуваше за одземање на правото на вето, туку за заштитни мерки што веќе се применети во минатите рунди на проширување. Овие мерки претставуваат специфични задачи, најчесто поврзани со спроведување на веќе усвоените реформи според европските стандарди, кои новите членки мора да ги спроведат за да станат полноправни учесници во релевантните сектори.

Според пишувањата на „Политико“ кон средината на октомври годинава, предлогот за промена на правилата за членство во ЕУ е во рана фаза и би требало да биде одобрен од сите постојни членки, според тројца европски дипломати и еден официјален претставник на ЕУ запознаен со дискусиите. Идејата е новите членки да добијат полни права откако ЕУ ќе го реформира начинот на функционирање, така што ќе биде потешко за поединечни земји да ставаат вето на политики.

На почетокот на есента актуелен беше планот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за укинување на едногласноста при одлучувањето за прашања од надворешната политика и проширувањето во ЕУ. Но, таа идеја е веќе напуштена откако беше отфрлена од повеќе земји-членки.

Сега, владите на земјите-членки кои го поддржуваат проширувањето, како Австрија и Шведска, сакаат да му дадат нов живот на процесот со новиот план.

„Идните членки треба да се обврзат дека ќе се откажат од правото на вето сè додека не се спроведат клучни институционални реформи- како воведување на квалификувано мнозинство во повеќето области на политика“, изјави за Политико Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за европски прашања во германскиот Бундестаг. „Проширувањето не смее да се забавува поради блокирање на реформите од страна на поединечни членки“.

Фото: Фејсбук/Мирослав Лабудовиќ

И Скопје и Софија не се карактеризираат со  конзистентност во меѓусебната политика,  која во изминатите децении имаше големи осцилации. Бугарија прва ја призна Македонија под уставното име кога се отцепи од федерацијата, меѓу првите држави го ратификуваше протоколот со кој го одобри приемот на земјата во НАТО, но кога требаше да покаже добрососедство преовладаа други сили и наложи вето за почеток на преговорите со ЕУ. Македонија пак на почетокот на ’90-тите имаше силна про-бугарска струја во една од двете главни политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, која повикуваше на сојуз со Бугарија, за потоа истата партија силно да се спротивстави на внесување на Бугарите во Уставот.

Македонија и Бугарија од 2017 година имаат меѓусебен Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Сепак, во ноември 2020 Софија стави вето за почеток на пристапните преговори на Скопје поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

По постигнатото решение, Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.

Н.П.

Слични содржини