🎥МВР со детали за случајот со 500-те крави: Приведени таткото и двете ќерки, се заканувале на соселани

Лишени од слобода три лица од кривопаланечко, попречувале полициски службеници и вработени во АХВ при извршување службени дејствија

од Nikola Popovski
56 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Ѓорѓиевска Јулијана

МВР излезе со детали за вчерашното приведување на поранешниот сопственик на над 500 крави, откако со отпор се спротивставил на полициските службеници и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство кои дошле да ги одземат животните.

Според полицијата, на 02.12.2025 околу 16:00 часот во село Трново, кривопаланечко, кај место викано „Самоков“, полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка ги лишија од слобода Г.Ѓ.(57), А.Ѓ.(30) и А.Ѓ.(22), сите од с.Жидилово, кривопаланечко.

-Имено, тројцата агресивно се однесувале и попречувале полициски службеници при вршење службени дејствија кои давале асистенција на вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство. Исто така, тие ги попречувале вработените во АХВ кои биле ангажирани за собирање на крупен добиток, а упатувале и закани кон неколку соселани. За настанот е известен јавен обвинител и по негово целосно документирање против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од МВР.

На социјалните мрежи се појави и видео, снимено од едната од неговите ќерки, на кое се гледа моментот кога инспекторскиот тим се обидува да ја спроведе одлуката за одземање на кравите – стадо што со месеци предизвикувало штета на земјоделските површини на локалните жители. Неговите ќерки се обидоа да ја спречат полицијата да го уапси нивниот татко кој и самиот е поранешен полициски службеник.

„Јасно се гледа дека апсат луѓе без никаков прекршок, без инцидент, без отпор и без попречување. Ниту провокација, ниту причина – а сепак се применува сила и лишување од слобода. Ова не е законска постапка. Ова е класичен пример на злоупотреба и прекршување на основните човекови права!“, напиша една од ќерките на Ѓоргиевски на социјалните мрежи.