Генералното собрание на ОН синоќа повика на итно и безусловно враќање на украинските деца „присилно префрлени“ во Русија, чувствително прашање во преговорите за евентуален мировен договор меѓу Киев и Москва, објавија АФП и Ројтерс. Необврзувачката резолуција, усвоена со 91 глас „За“ (меѓу кои и Македонија), 12 „Против“ (вклучувајќи ја Русија) и 57 воздржани, бара од Москва да „обезбеди итно, безбедно и безусловно враќање на сите украински деца кои биле киднапирани“.
Покрај Македонија, „За“ гласале речиси сите држави од Европа, како и САД. Меѓу државите кои што биле против, покрај Русија, се и Белорусија, Кина и воглавно земји од африканскиот континент.
Документот, исто така, ја повикува Москва „веднаш да ги прекине сите практики на присилно префрлање, депортација, разделување на семејствата и одвојување на децата од нивните законски старатели, промена на личниот статус, вклучително и државјанство, посвојување или сместување во згрижувачки семејства, како и индоктринација на украински деца“.
#BREAKING
General Assembly ADOPTS resolution demanding that Russia ensure the immediate, safe and unconditional return of all Ukrainian children who have been forcibly transferred or deportedIn Favor: 91
Against: 12
Abstain: 57 pic.twitter.com/0xdtDyzPT4— UN News (@UN_News_Centre) December 3, 2025
Украина ја обвинува Русија за киднапирање на најмалку 20.000 украински деца од почетокот на војната, „најголемата операција за киднапирање од страна на државата во историјата“, изјави заменик-министерката за надворешни работи на Украина, Маријана Беца, на говорницата пред гласањето, истакнувајќи дека повеќе од 1.850 од нив се вратени.
„Нема да има праведен мир во Украина без итно и безусловно враќање на нашите деца дома“, нагласи таа.
Резолуцијата беше поднесена од Украина, Канада и ЕУ.