Филипче принудно останува лидер на СДСМ, оти буквално нема кој да го замени?

Партиски извори за „Локално“ откриваат дека Филипче не си заминал само затоа што партијата нема наследник - буквално никој не сакал да ја преземе функцијата. Дали ова е реалност или изговор?

од Vladimir Zorba
22 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

Целото раководство на СДСМ поднесе оставка – сите, освен претседателот Венко Филипче. Формулацијата од партијата дека оставките се поднесени „на предлог на претседателот“ само ја засили дилемата што одамна тлее во организацијата: дали Филипче останува затоа што навистина сака да продолжи, или затоа што во партијата нема човек што би можел да ја преземе функцијата во оваа најкризна состојба?

Според извори од врвот на СДСМ, клучниот проблем е токму второто.

„Реално, нема кој да го замени“, велат тие, нагласувајќи дека во изминатите години партијата исцрпила голем дел од кадровскиот потенцијал.

Повеќето позначајни имиња или веќе имаат политички багаж од времето на поранешниот партиски лидер Зоран Заев, или влегоа во серија порази во мандатот на Филипче, па денес се без кредибилитет да влезат во лидерска трка.

„Затоа и не дава оставка, не затоа што се држи за функцијата, туку затоа што нема кому да ја предаде партијата“, додаваат истите извори за „Локално“.

Кога ќе се исчистат емоциите и ќе се погледне рационално, оставките на заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари и целиот Извршен одбор не изгледаат како почеток на нов циклус, туку повеќе како признавање дека партијата има празна клупа.

Не онаа политичката „млада гарда“ за која секогаш се зборува, туку суштинска празнина: недостасуваат луѓе што можат да ја стабилизираат организацијата и да ја вратат во борба за сериозно политичко влијание.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Во СДСМ се чувствува дека структурата е заморена од години внатрешни турбуленции, колебливи реформи, изборни порази и континуирани кризи на легитимитет.

Дел од поранешните звучни имиња се дистанцираа, други се истрошени, трети едноставно не сакаат да ја преземат одговорноста во момент кога рејтингот е низок, членството поделенo, а инфраструктурата ослабена. Така се создава парадоксална ситуација: партијата „бара“ нов почеток, но нема со кого да го започне.

Во таква атмосфера, Филипче изгледа повеќе како принуден чувар на раководната позиција, отколку како човек кој со сите сили се држи до фотелјата.

Ако би се повлекол веднаш, велат истите извори, би се отворил опасен вакуум што може да го продлабочи хаосот. А производството на хаос во партија која веќе е ослабена од серија порази, би претставувало ризик што малкумина сакаат да го носат на грб.

Не е исклучено СДСМ да влезе во подолг процес на внатрешно преуредување – техничко раководство, можни компромисни решенија, но за сето тоа потребни се луѓе со кредибилитет и волја да ја преземат една од најтешките задачи во моменти кога партијата фактички стои на крстопат. Денес, барем според внатрепартиските извори, такви луѓе нема на хоризонтот.

Ако се гледа низ политичка логика, тогаш клучната дилема не е зошто Филипче не поднел оставка, туку кој би го заменил ако ја поднесе.

А кога одговорот е „никој“, тогаш останувањето на претседателот не е избор, туку нужност. И токму таа нужност ја отсликува најдлабоката криза во која се наоѓа СДСМ: криза на кадри, на авторитет, на перспектива.

Б.Т.