Си-Ен-Ен пишува за убавините на Македонија и ги фали земјоделските култури: „Праз долг еден метар, домати со големина на топче за софтбол и црвени пиперки кои можете да ги намирисате од зад аголот“

„Претходно позната како Македонија по прогласувањето на независноста од Југославија во 1991 година, С. Македонија е недоволно истражен дел од Балканот чија слоевита историја, од византиската и османлиската до југословенската ера, се комбинира со нејзините сеприсутни планини за да создаде збир на регионални култури“, стои во репортажата на Си-Ен-Ен

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Polychronis Drone

„Си-ен-ен травел“ објави репортажа за природните убавини на Македонија, мапирајќи ја нашата земја како туристичка дестинација што вреди да се посети. Насловот на текстот на познатиот американски телевизиски канал е насловен како „сè уште постои една прекрасна јужноевропска земја со вкусна храна, одлично вино и без преголеми гужви од туристи“.

„Претходно позната како Македонија по прогласувањето на независноста од Југославија во 1991 година, С. Македонија е недоволно истражен дел од Балканот чија слоевита историја, од византиската и османлиската до југословенската ера, се комбинира со нејзините сеприсутни планини за да создаде збир на регионални култури со цврста посветеност на традицијата и топло, срдечно гостопримство“, стои во текстот на Си-Ен-Ен.

Се додава дека Македонија сè уште не ги доживеала толпите туристи што го задушуваат поголемиот дел од Јужна Европа секое лето.

-Оние што се вклучени во туристичката индустрија се претпазливи во привлекувањето таков вид туризам бидејќи би можел негативно да влијае врз квалитетот на животот на жителите. Но, тие знаат дека земјата има многу што да понуди и дека туристичкиот сектор сè уште има простор за раст, се наведува во репортажата.

Американците пишуваат и за Охрид, Свети Наум, Галичица, Шар планина, како и за домашните земјоделски производи.

-Малите семејни фарми се стандард во Македонија, што им овозможува на земјоделците да посветат повеќе време на своите култури. Тоа внимание значи дека просечниот македонски потрошувач јаде производи кои би изгледале вонземски во американски супермаркет — праз долг еден метар, домати со големина на софтбол и црвени пиперки кои можете да ги намирисате од зад аголот, стои во репортажата.