Филипче ќе бара помош од Италија: „Ако тие се справија со Коза Ностра, тогаш и ние можеме со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ“

Претседателот на СДСМ денеска информира дека партијата формирала „антикорупциски тим“ во рамките на нивната програма „Нова сила“

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска информира дека партијата формирала „антикорупциски тим“ во рамките на нивната програма „Нова сила“. Според него, станува збор за тим од советници и експерти во областа на правото и финансиите, но и млади активисти и истражувачи на СДСМ.

-Тимот ќе истражува скандали, ќе анализира документи, ќе ги презентира до јавноста, ќе ги разоткрива сите корупциски шеми, ќе поднесеме соодветни пријави до национални и меѓународни институции. Зад ова стои енергијата на младите на СДСМ и тоа е новата сила што ќе гради европски вредносит, рече Филипче на денешната прес-конференција, најавувајќи дека за скоро време ќе објават платформа, на која било кој граѓанин од било каде во државата, ќе може да пријавува скандали и да прикачува документи.

Филипче потенцира дека ова е нов, како што вели, фронт за борба против корупцијата на оваа криминална власт. Тој најави и дека ќе поднесат иницијативи до антикорупциските институции во Италија кои што со децении се бореле против, како што вели, најорганизираната европска мафија „Коза Ностра“.

-Ако тие се справија со Коза ностра, тогаш и ние овде можеме да се справиме со оваа мафија на ВМРО-ДПМНЕ, рече претседателот на СДСМ.