Британските разузнавачки служби се меѓу првите пет во светот: „Доколку Обединетото Кралство не може да ги социјализира и инкорпорира таквите мигранти во нивното општество, како би успеала Македонија?“

Најдобро решение е да се распише референдум за граѓаните да одлучат дали се за или против, вели Пивоваров за „Локално“

од Nikola Popovski
144 прегледи Фото: МВР

„Македонија и Косово се двете балкански земји со кои Велика Британија преговара за воспоставување центри за враќање на одбиените баратели на азил“. Ваквите написи од британските медиуми повторно ја разгореа дебатата во македонската јавност за тоа, што предвидува Договорот за стратешко партнерство со Лондон. Според медиумските текстови, Британија би плаќала за секој мигрант што земјава ќе го прифати. Сепак, по жестоките обвинувања од опозицијата, Владата категорично ги отфрли таквите написи и тврдења, оценувајќи дека се за внатрешно-политичка употреба во Британија. „Ова е напис за внатрешно-политичка употреба во Британија. Единствената вистина е онаа што британскиот амбасадор Метју Лосон јавно ја кажа во мај – Македонија нема да прифаќа мигранти“, соопштуваат од Владата.

Опозицијата обвини дека власта ја претвора Македонија во мигрантски камп. „Лажниот патриот Мицкоски, кој се колнеше дека „шанса нема“ да има кампови, преговара да ја направи Македонија депонија за мигранти. Додека на големо го крадат народот преку милионски тендери на нивни фирми, ова е ново предавство на Мицкоски и неговата власт“, соопштија од СДСМ.

Со слично соопштение излегоа и од Левица. Оттаму бараат од Владата целосно обелоденување на, како што велат, очигледниот договор помеѓу Република Македонија и Велика Британија, вклучително и сите анекси, клаузули и финансиски, безбедносни и политички обврски што произлегуваат од него. Според Левица, секое прикривање на ваков документ претставува флагрантно потценување на јавноста и обид земјава да се претвори во периферен логор за туѓи мигрантски политики и финансиски интереси на поединци.

Се поставува прашањето колку потпишаните договори со различни британски консултантски фирми и други компании во минатото, како и претходниот договор за заем од 5 милијарди фунти значи дека договорот за населување мигранти е реален? Според Владимир Пивоваров, поранешен универзитетски професор по безбедност  и екс-шеф на македонското разузнавање, од онаа што ни го презентираа медиумите во мај оваа година од средбата во Тирана, срамежливо оваа тема од страна на британскиот премиер беше најавена, а од нашиот премиер беше демантирана за тоа што како двајца премиери го дискутирале.

Пивоваров вели дека тензиите се кренаа последните десетина дена по натписите во највлијателните британски медиуми, а генерално пренесени и од останатите светски медиуми вклучително и од наши одредени медиуми.

Фото: Фејсбук профил на Владимир Пивоваров

-Потоа следуваше изјавата на британскиот амбасадор во Република Северна Македонија. Следуваа деманти за веќе објавеното но само на нашите медиуми. Доколку за оваа тема и номенклатурата на договорот за прифаќање на мигранти од наша страна, во нивните текстови детално се објаснува за таканаречената соработка на овој план што впрочем го потврдија и британските владини функционери во најмала рака доколку тие информации се лажни не следуваше никаков демант кон нив од страна на нашата влада. Ваквата дилема отвара прашање кој ја кажува вистината, а кој лаже. Во овие информации се споменува дил кој се однесува на претходно одобрените пет милијарди фунти во форма на кредит. Сепак несмее да се мешаат баби и жаби, економска соработка со безбедносни прашања. Тоа се две посебни ситуации за кои треба надлежните институции од наша страна да направат SWOT анализа врз основа на која владата треба да ја донесе одлуката. SWOT анализа значи да се презентираат добрите и лошите страни на ваков можен договор меѓу двете земји. Ова ги крена тензиите во општеството. Затоа во ваква ситуација најдобро решение е да се распише референдум за граѓаните да одлучат дали се за или против, истакнува поранешниот национален координатор за гранично управување.

Пивоваров додава дека доколку се осврнеме на конкретниот проблем, со аргументи, факти и ладна глава, треба ди ги согледаме сите аспекти. Особено, посочува тој, треба да ги согледаме барем ваквите договори во нашиот регион.

-Имено, по завршување на војната во БиХ, муџахедините кои активно учествуваа во војната останаа во БиХ, создадоа свои енклави каде државата не функционираше. Денеска со тие лица дојдени од земји од блискиот исток кои веќе дваесетина години неможеа да ги инкорпорират во нивниот систем, перманентно претставуваат закана за националната безбедност на БиХ. На официјална средба пред три години во Приштина, од мојот колега на работната тема движење на мигрантските рути меѓу двета земји, мојот колега истакна откако направиле камп за прифат на мигранти во близина на Приштина, во градот, тешките кривични дела се зголемиле за 300% и тоа убиства, силувања, разбојништва, тешки кражби. Ова е сериозно прашање кое се однесува на националната безбедност. Во разговори во кои имам разговарано со моите колеги од Англија, особено во делот на рутите на движење на мигрантите од нивна страна беше презентирано дека најпроблематична им е рутата преку La Manche (Ла Манш) и тоа по морски пат но и со камиони кои се движат во тунелот. Нашата балканска рута не беше спомената како нивен врвен проблем. Како причини за пропустливоста на мигрантите беше посочена конекцијата помеѓу шверцерите на мигрантите и полициските, царинските и бродските власти. Ова го потенцирам како укажување на изјавата на британскиот амбасадор во нашата земја дека соработуваме како две држави на полето на борба со криумчарењето на мигранти, потенцира соговорникот.

Лично, вели тој, не ја гледам поврзаноста за ваква соработка кога немаме заеднички закани од исти мигрантски рути.

-Од наведеното во нивните медиумски гласила се наведува дека нашата земја треба да ги прифаќа оние мигранти кои не добиле азил кај нив. Основното прашање кое се поставува е зошто кога тие веќе ги одбиле кои се причините. Не треба да заборавиме дека нивните разузнавачки и контраразузнавачки служби се рангирани во првите пет во светски рамки. Дали доколку тие таквите мигранти не може да ги социјализираат и инкорпорираат во нивното општество, како ние би успеале истите да ги инкорпорираме во нашето општество. Прашање е што се крие во изјавите дека нема да се градат бегалски кампови во фортификациска смисла, дали во друга форма ќе бидат прифаќани односно градење сместувачки капацитети како и што е наведено со полна слобода на движење, полна социјална заштита, здравствена заштита, образование, вработување и останати потреби. Во предвид треба да бидат земени и културолошките разлики. Мое согледување е дека со ваков можен договор тие си решаваат дел од нивниот голем безбедносен проблем, префрлајќи го во нашиот двор. Се прашувам, дали имаме малку безбедносни проблеми за да си преземем ваков терет кој би можел да ја наруши националната безбедност на нашата земја, посочува Пивоваров.

Според него, ниту еден финански дил не смее да биде причина за нарушување на националната безбедност.

-Пред четири години кога во мотелот Белви беа сместени бегалци од Авганистан, кои во предвидениот рок ја напуштија нашата држава, тогму сегашната власт тогаш опозиција имаа десетици прес-конференции повикувајќи се токму на овие постулати кои сега ги наведувам. Ниту еден проект кои се турка на сила во пракса не дал задоволителни резултати. Повеќе немаме можности за правење кардинални грешки кои сериозно можат да ја загрозат нашата национална безбедност, заклучува Пивоваров.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Вис

ВМРО-ДПМНЕ повика да не се шири паника врз основа на новинарски текстови. „Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови“, велат од партијата. Пратеникот Антонијо Милошоски посочи дека Британија откако излезе од ЕУ, со сите земји од Западен Балкан, но и со самата ЕУ склучува вакви договори каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс за борба против организирана, нелегална, миграција.

Британската амбасада посочи на Договорот за стратешко партнерство, без да навлегува во медиумските написи за наводниот договор за префрлање мигранти во земјава.

„Двете земји соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнувајќи ја безбедноста и справувајќи се со криминалните мрежи. Ние стоиме цврсто со нашиот македонски сојузник во НАТО во унапредувањето на просперитетот, безбедноста и економскиот раст“, рекоа од Британската амбасада.

Пролетва, британскиот амбасадор Метју Лосон кажа дека не станува збор за прифаќање мигранти, туку за полициска соработка, борба против криминални мрежи и споделување разузнавачки податоци.

Минатиот петок, „Дејли мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите, земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.

Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на земјава за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Се споменува сума од 20 илјади фунти по мигрант Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие би имале можност да заминат кога ќе посакаат.

Вчера беше објавено дека албанската Влада официјално го одобри Националниот план за непредвидени ситуации за мешани миграциски текови за периодот 2026-2028, стратешки документ кој има за цел да ги подготви албанските институции да се справат со зголемените миграциски текови на територијата на земјата. Одлуката е донесена врз основа на член 100 од Уставот а по предлог на министерот за внатрешни работи, додека нејзиното спроведување е доверено на Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование, структурите за цивилни вонредни состојби, како и други државни институции.

-Прифатните центри нема да се градат концентрирано во еден град, туку ќе бидат распределени според мапата на миграциските текови и главните премини. Поточно, во југоисточните и јужните гранични региони, главно во Корча, Ѓирокастро и Валона, објавија медиумите. Според документот во Албанија е предвидено формирање прифатни центри со фокус на мигранти од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои ги користат Албанија и Србија како транзитна траса кон Грција.

Н.П.