Кацарска: Некој му дава лажни информации на премиерот за пензиите

-Кој го мести премиерот со лажни информации дека потпишав пензионерите да ги враќаат тие 5.000 денари, праша уставната судијка Кацарска

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

„Судот во Стразбур неколку пати одлучуваше за пензиите и исто така ги третира пензиите како имот во согласност со член 1, Протокол 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права“, изјави вчера уставната судијка Добрила Кацарска по прашањето за усогласувањето на пензиите.

Кацарска вели дека некој му дал погрешна информација на премиерот Христијан Мицкоски дека таа веќе потпишала пензионерите да мораат да ги враќаат петте илјади денари кои во два наврати оваа година ги добија од државата.

„Сакам да нагласам дека некој му дава лажни информации на премиерот. Намерно или ненамерно, не знам, но тој излезе со став дека јас ја потпишав конечната одлука и дека пензионерите ќе ги вратат тие 5.000 денари. Премиерот не е адвокат по професија и нормално е што не ја знае постапката во судот“, рече Кацарска на обвинувањата на премиерот.

„Прашањето е кој го мести премиерот со давање лажни информации. Дали е тоа некој од Уставниот суд или советник, не знам. Не можам да одговорам на ова и самиот премиер треба да се праша кој му дал такви лажни информации дека е потпишана конечната одлука“, нагласи Кацарска во емисијата „Директно“.

Одлуката за пензиите е донесена во согласност од деловникот со мнозинство гласови на судиите по 17 претставки за линеарното зголемување на пензиите. Судијката Кацарска била известител во тој предмет.

„Свесното пласирање манипулации претставува притисок врз судијата-известител и врз целата институција и опасен преседан е во случај кога некоја одлука не им одговара на политичките субјекти се прогласува за „партиска“. Јавното напаѓање на судии со шпекулативните говори, претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот. Прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание или вмешување во работата на Судот“,соопшти Уставниот суд на 21.11.2025.

Мицкоски од собраниската говорница изјави дека според последната информација, судијката на Уставниот суд Добрила Кацарска ја потпишала одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите.

„Пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. Тоа значи дека 70% од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец“, рече неодамна премиерот.