Вчеравечер и во текот на ноќта, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, беше реализирана акција која е резултат на неколкумесечна предистражна постапка поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела поврзани со перење пари и неовластено приредување игри на среќа. Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Единицата за финансиски истраги извршија претреси на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје и околината, при што беа пронајдени поголемо количество реквизити за играње на игри на среќа (карти, чипови, професионални маси за покер и друга опрема), значителен износ парични средства во денари и евра, возила за кои постојат докази дека се набавени во критичниот период и наркотична дрога. На една од локациите беа затекнати и 14 лица кои во моментот играле игри на среќа.
Постапувајќи по кривичните пријави, јавниот обвинител донесе Наредби за спроведување на две истражни постапки со кои се опфатени вкупно осум лица.
Во првата истражна постапка се опфатени шест лица за кои постои основано сомнение дека тие и други НН лица создале група која континуирано и координирано организирала недозволено приредување игри на среќа без поседување лиценца или одобрение од надлежен орган согласно Законот за игрите на среќа и забавните игри. Групата, од февруари годинава до вчера, со цел стекнување несразмерна имотна корист, организирала игри на среќа на три локации во Скопје. Осомничените обезбедувале играчи и договарале термини за игра на „омаха“, „покер“, „круг“ и „брич“. Игрите се одржувале во точно определени денови, со утврден број играчи и со однапред договорени правила и влогови. Групата поседувала каса за уплата и исплата на играчите и за покривање трошоци за клубот, ангажирале лица за средување на масите, како и лица–играчи кои за надомест ги делеле картите.
Со овие дејствија осомничените сториле две кривични дела „Злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 1 од Кривичниот законик и „Приредување игри на среќа без лиценца или дозвола“ од чл. 156 ст. 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри и притоа се стекнале со значителна имотна корист.
Во втората истражна постапка е опфатен еден од осомничените од првата постапка, како и уште две други лица. Тие се сомничат дека се стекнале со противправна имотна корист во износ од 7.583.784 денари, која ја пуштиле во оптек преку примање и преземање парични средства прибавени со кривично дело „Лихварство“ од чл. 260 ст. 2 од Кривичниот законик. Средствата ги внесувале во готово на свои сметки, примале пари од сметки на трети лица и ги употребувале за купување недвижен имот, за плаќање обврски по кредит за недвижен имот, како и за водење на луксузен начин на живот.
Според дејствијата опишани во наредбата, двајца осомничени како соизвршители сториле продолжено предикативно кривично дело Лихварство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, за кое е осомничена и сопругата на првоосомничениот.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување мерка притвор, јавниот обвинител ќе предложи до судијата на претходна постапка определување на мерка ефективен притвор за седуммина осомничени и мерка куќен притвор за осомничената.