Коцевски поднесе оставка пред собраниската седница за негово разрешување

Коцевски рече дека функцијата ја извршувал чесно и достоинствено, но, дека си заминува со гордо крената глава и разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава

од Nikola Popovski
45 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски информира дека поднел неотповиклива оставка во пресрет на денешната расправа во Собранието за негово разрешување. Потенцира дека постапката за негово разрешување е политичка одлука.

На прес-конференција, Коцевски рече дека функцијата ја извршувал чесно и достоинствено, но, дека си заминува со гордо крената глава и разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава.

Доказ за тоа, според него, е фактот што дури денес, на само еден час пред седницата на Собранието, му била доставена покана за да присуствува на расправата за неговото разрешување. Вели дека предлогот за разрешување воопшто не му е доставен и не знае врз основа на што треба да се произнесе.

-Овој предлог, како основи за разрешување од она што го имам како сознание, содржи само три реда и ниту еден од нив нема објаснување или аргументирана поткрепа, рече, меѓу другото, Коцевски пред медиумите.

Обвинителот во заминување им порача на граѓаните дека „се борел за нивната доверба во Обвинителството и тврди дека секогаш во ЈО ќе имаат сојузник за нивните права“. Според Коцевски, обвинителите и вработените во ЈО остануваат „последниот бедем што гарантира дека тие копја нема да се скршат од грбот од народот“.