Тодоровски од Москва: Некои сектори на економијата се во рецесија поради рестриктивната фискална политика на Централната Банка, со цел намалување на стапката на инфлација која е околу 6,7%

-Политиката на санкции на Западот покажа дека не може да ја натера Москва да седне на преговарачка маса и да се откаже од своите црвени линии, вели воениот аналитичар и докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација за „Локално“

од Nikola Popovski
61 прегледи Дарко Тодоровски/Фото: Фејсбук

Претседателот на САД, Доналд Трамп е оптимист дека војната меѓу Русија и Украина се ближи кон крајот. По разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со лидерите на неколку европски земји, вклучувајќи ги Германија, Италија, Франција и Обединетото кралство, како и со НАТО, Трамп рече дека сите сакаат да видат крај на војната.

„Мислам дека сме поблиску до крајот на војната од кога било досега. Имавме добар разговор со европските лидери за војната меѓу Русија и Украина. Работите одат во вистинската насока, иако го кажуваме ова многу долго време. Имаме голема поддршка од европските лидери и тие сакаат војната да заврши. Во моментов, Русија сака конфликтот да заврши. И Украина сака конфликтот да заврши. Проблемот е што тие сакаат да заврши, а потоа одеднаш не сакаат. Мора да ги доведеме на иста позиција, мислам дека тоа ќе функционира“, изјави претседателот на САД.

САД се согласија да обезбедат безбедносни гаранции како дел од мировниот договор, сепак Зеленски призна дека сè уште постојат значителни разлики меѓу украинската и американската страна за поделбата на териториите.

„Не сите аспекти се едноставни, постојат комплицирани работи, особено темата за териториите, несомнено, сите ја покренуваат оваа тема. И важно е сите да работиме за да се осигураме дека ваквите работи се апсолутно фер. Доста ни беше од дијалог за териториите. Мислам дека досега имаме различни ставови. Но, мислам дека американските колеги го слушнаа мојот личен став“, изјави Зеленски, кој додаде дека е подготвен да се откаже од членството на Украина во НАТО во замена за безбедносни гаранции од САД и ЕУ…

Како во Русија гледаат на ваквиот наратив и развојот на преговорите? Според Дарко Тодоровски, воен аналитичар и докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација, судејќи според индиректните факти од последните денови, може да се претпостави дека преговарачкиот маратон влегува во завршна фаза, а бројот на нерешени прашања постепено се намалува.

Тодоровски истакнува дека официјална Москва го зема планот на Трамп како појдовна точка за склучување на мировен договор за ставање крај на конфликтот во Украина. Можноста за влез на Украина во НАТО беше и една од главните причини за овој конфликт.

-Овој план има некои сличности со мировниот план од Истанбул од 2022 година.

За Москва, судејќи според изјавите на официјалните лица, неприфатливо е и Украина да добие безбедносни гаранции од САД и ЕУ слични на членот 5 од повелбата на НАТО, и на територијата на Украина да бидат распоредени воени контингенти на НАТО. Тоа Москва го третира како безбедносни гаранции за себе. За Москва е прифатлива точката од нацрт договорот од Истанбул, која  се нарекуваше „Договор за трајна неутралност и безбедносни гаранции на Украина“. Покрај САД, Велика Британија и Франција, се очекуваше гаранти да бидат Русија и Кина. Исто така важно е дека тие гаранциите се валидни само ако Украина ја задржи својата неутралност.

Од друга страна, Украина бара како отказ од членството во НАТО да добие слични безбедносни гаранции како членот 5 на НАТО, укажува соговорникот.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВП Ворлд

Иако, додава тој, американските преговарачи изјавуваат дека 90% од отворените прашања помеѓу Русија и Украина се договорени, и дека двете страни се блиску до договор, сепак реалноста е дека Русија и Украина се уште имаат дијаметрално спротивни ставови кога станува збор за Донбас, како и за безбедносните гаранции за Украина, и околу конфискуваните руски резерви и средства на Запад. Тие ставови се „пеглаа“ за време на преговорите помеѓу САД и Украина во Берлин.

Околу разговорите за Донбас и дали има чувство во Русија дека ако целосно падне регионот и Украина би изгубила, дека Москва ќе тргне кон остатокот од територијата, Тодоровски вели дека според планот на Трамп Украина треба да се повлече од Донбас, а за возврат Русија треба да се повлече од Харковската, Сумската и Днепропретровската област.

-Во случај на склучување на мировен договор до крајот на годинава, и започнување на имплементација на истиот, нема да постои основа за продолжување на конфликтот. Но судејќи според резултатите од преговорите помеѓу САД  и Украина, како и САД и ЕУ и Укранина во Берлин, иако има прогрес, се уште нема конечен договор помеѓу САД и Украина, потенцира воениот аналитичар кој живее и работи во Москва.

За состојбата со економијата во Русија и дали ако продолжи војната со ова темпо, земјата ќе ги издржи трошоците, соговорникот објаснува дека според различни статистички информации, растот на руската економија година ќе биде околу 0-1%. Тврди дека некои сектори на руската економија се во рецесија, како резултат на рестриктивната фискална политика на Централната Банка на Русија, се со цел задржување и намалување на стапката на инфлација, која што во моментов е околу 6,7%, скапите кредити за бизнисот и за секторот градежништво.

-Сето тоа доведе до пад на економската активност и на куповната моќ на граѓаните. Дефицитот на буџетот во 2025 година ќе изнесува 2,6%, и истиот ќе се финансира од позајмувања на домашниот пазар. Но и покрај огромниот број на санкции, како и редица надворешни фактори, меѓу кои падот на цената на нафтата, руската економија покажа дека може брзо да се адаптира на сите шокови, истакнува Тодоровски.

Воениот аналитичар смета дека САД и ЕУ признаваат дека практично се исцрпени можностите за нови санкции против Русија. Од друга страна, политиката на санкции на Западот покажа дека не може да ја натера Москва да седне на преговарачка маса и да се откаже од своите црвени линии.

-Најважните санкции во 2025 година беа санкциите на САД против Роснефт и Лукоил, кои делумно го погодија извозот на нафта и гас. Но во последно време, и покрај овие санкции, НР Кина и Индија после некоја пауза продолжија да купуваат нафта и гас од Русија, обелоденува Тодоровски во анализата за „Локално“.

Со оглед на политиката на американската администрација предводена од Трамп кон Русија и дали смета дека ветерот во грб од страна на Трамп, доведе до тоа Украина да капитулира, аналитичарот тврди дека планот на Трамп не значи капитулација на Украина, туку ѝ нуди компромис на Украина, колку и да е тешко, откажување од дел од својата територија во замена за безбедносни гаранции кои треба да спречат конфликт во иднина, влегување на Украина во ЕУ во 2027 година, план за обнова на Украина сличен на „Маршаловиот план“ за обнова на Европа после Втората Светска Војна.

-Понудата на САД е „земи или остави, но потоа нема да има таква понуда.“

Според Трамп и Пентагон, прифаќањето на мировниот план ќе ја спречи Русија да напредува во другите области и територии на Украина, бидејќи Пентагон смета дека Украина бавно ја губи војната, и дека адутите и картите се на страната на Русија.

Вашингтон останува посветен на својот нов поглед на глобалната политика, што се гледа во неодамна објавената Национална безбедносна стратегија. Според неа, Европа е сведена на поддржувачка, споредна улога, а нејзините дејствија во контекст на украинското решавање се сметаат за пречка за напорите на САД, ако не и за директна саботажа. Американците претпоставуваат дека ако Киев, под притисок од аргументите на Вашингтон и ситуацијата на фронтот, се согласи на болните отстапки што ги бара Кремљ, тогаш Европејците ќе бидат принудени да ја прифатат оваа позиција, истакнува Тодоровски.

Црвениот плоштад во Москва – Фото: Фејсбук/Дарко Тодоровски

Кремљ одби да даде потенцијална временска рамка за евентуален мировен договор со Украина. Портпаролот на рускиот претседател, очекува да бидат информирани за тековните разговори во Берлин од американска страна.

„Нема да давам никакви временски рамки, мислам дека тоа би била неблагодарна задача во моментов. Можам да зборувам само во име на руската страна, за претседателот Путин. Тој е отворен за мир и за сериозни одлуки“, Дмитриј Песков, портпарол на Путин.

Една од најважните точки во преговорите за Украина е дали да се откаже од Донбас. Војниците се уморни по речиси четири години војна, но не сакаат да се откажат од него, иако Русите се држат до своето барање да го добијат целиот регион.

„Мора да разбереме дека Донбас не е крајната цел на Путин. Ако го добие Донбас, тогаш тврдината е урната и тие дефинитивно продолжуваат со преземање на цела Украина. И знаете, ако Украина пропадне, тогаш и другите региони се во опасност. Го знаеме ова од историјата и треба да учиме од неа“, изјави Каја Калас, висок претставник на ЕУ.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека разговорите со претставниците на Трамп, Виткоф и Кушнер создале шанса за вистински мировен процес.

„Во овој момент сакам да кажам дека нема да ги повториме грешките од Минск. Наместо тоа, сега мора да се обезбеди прекин на огнот преку соодветни безбедносни гаранции за Украина. Што ова конкретно значи детално, секако ќе треба да се дискутира меѓу оние кои поединечно ќе ги обезбедат овие безбедносни гаранции. САД и Европа, ќе се договориме заедно и ќе ги дефинираме деталите“, изјави германскиот канцелар.

Н.П.