Сабота е „денот Д“ за ДУИ – може ли Ахмети да ја спаси партијата од самата себе?

По две децении континуирана власт, ДУИ првпат се соочува со политичка празнина што не може да се пополни со реторика. Конгресот на 20 декември не е прашање на кадровски ротации, туку на опстанок: дали партијата ќе се осмели да направи клучни промени или ќе остане заробена во сопственото минато

од Vladimir Zorba
85 прегледи Фото: ДУИ

Конгресот на Демократската унија за интеграција, закажан за 20 декември, се одржува во можеби најчувствителниот момент од постоењето на партијата. По повеќе од две децении континуирано учество во власта, ДУИ првпат се соочува со реалноста на политичка изолација – и на централно и на локално ниво. Тоа е пресврт што ја оголува суштината на партијата и ја става под сериозен тест нејзината способност да преживее надвор од институциите.

Поразот не дојде ненадејно. Тој беше резултат на долг процес на акумулиран замор, повторување на истите лица и чувство кај гласачите дека партијата одамна не нуди нова визија, туку управува по навика. Наместо создавање нов политички капитал, ДУИ со години го трошеше постоечкиот, граден во периоди кога беше речиси неизбежен дел од секоја власт.

Токму тој имиџ на „партија на власта“, кој некогаш беше нејзина предност, денес се претвора во најголем товар. Отсуството од институциите ја разоткри организациската слабост на ДУИ: ограничена способност за политичко дејствување без ресурси, без јасен опозициски наратив и без препознатлива порака што оди подалеку од владеењето.

Во таков контекст, најавите за реформи се очекувани. Реформа што се сведува на козметика како промена на имиња без промена на моделот, едноставно не може да одговори на длабочината на кризата. Проблемот на ДУИ не е персонален, туку структурен. Тој е вграден во начинот на одлучување, во концентрацијата на моќ и во долгогодишното отсуство на вистинска внатрешна дебата.

Партијата со години функционираше како силна вертикала, со централизирано лидерство и слаби институционални механизми. Додека тој модел носеше изборни победи, беше прифатлив. Денес, кога резултатите изостануваат, истиот модел станува кочница. Прашањето не е само кој ќе остане, а кој ќе си замине, туку дали ДУИ е подготвена да ја смени сопствената логика на функционирање.

Најавите за повлекување на дел од долгогодишните функционери и за интервенции во локалните структури може да се читаат како обид за освежување. Но без јасно редефинирање на внатрепартиската моќ, таквите потези ризикуваат да останат симболични. Вистинската промена подразбира откажување од комфорната зона – и за раководството, и за самата партиска елита.

Особено чувствително е прашањето за иднината на ДУИ во контекст на улогата на Али Ахмети. Со години тој беше клучниот фактор на стабилност и кохезија. Но ниту една партија не може долгорочно да опстои ако не успее да се институционализира и да функционира надвор од харизмата на еден лидер. Изборниот пораз само го забрза соочувањето со тој проблем.

Конгресот, затоа, не е формалност, туку крстосница. ДУИ може да избере континуитет со минимални корекции, што нуди краткорочен внатрешен мир, но води кон постепен политички пад. Или може да тргне кон болна, но неопходна трансформација, која носи ризици, тензии и неизвесност, но и единствена шанса за вистинско обновување.

Во политиката, најопасен е моментот кога една партија се однесува како сè уште да е власт, иако веќе одамна не е. Конгресот на 20 декември ќе покаже дали ДУИ го препознава тоа – или повторно ќе ја одложи промената, купувајќи време што сè помалку го има.

Б.Т.