Бадентерот како центар на моќ – каде води новата логика на ДУИ?!

Барањата од последниот партиски конгрес на ДУИ повторно ја отворија дилемата за границите на Рамковниот договор и за насоката во која се движи државата

од Vladimir Zorba
95 прегледи Фото: Фејсбук/Али Ахмети

Испорачаните политички пораки од последниот конгрес на Демократска унија за интеграција (ДУИ) не отворија ново поглавје, туку повторно ја раздвижија старата линија на тензии околу Рамковниот договор и неговите граници.

Барањето бадентеровото мнозинство да стане правило во секој сегмент на одлучување, па дури и при избор на влада, инсистирањето на ветинг на сите функционери во последните 34 години, како и сигналите за политичко влијание врз одлуките на Уставниот суд, создаваат впечаток на сериозно проширување на рамката што досега се сметаше за затворена и јасно дефинирана.

Рамковниот договор беше конципиран како механизам за надминување на конфликт и за интеграција на заедниците во унитарна држава, а не како трајна алатка за редизајн на институционалниот систем.

Токму затоа, кога барањата почнуваат да навлегуваат во сите нивоа на државното одлучување, се отвора прашањето дали станува збор за заштита на права или за политичка стратегија што ја враќа етничката математика во центарот на системот. Во таа зона, границата е тенка, а последиците долгорочни.

Дополнителна тежина на оваа дилема ѝ дава контрадикцијата меѓу пораките и практиката. Јавното инсистирање на зачувување на унитарниот карактер на државата тешко се вклопува со модели на одлучување што ја засилуваат етничката поделба и ја претвораат во предуслов за секоја политичка одлука.

Наместо интеграција, се создава впечаток на институционализирана сегрегација, внимателно спакувана во реформски речник.

Постизборните кадровски промени во Мала Речица дополнително го зајакнаа чувството на континуитет. И покрај најавите за „освежување“, суштината остана иста: нов мандат за старото лидерство и избор на добро познати партиски лица на клучните позиции.

Формалното проширување на раководните тела и зголемената родова застапеност звучат како чекор напред, но без промена на моделот на одлучување тие повеќе личат на внимателно избалансирана корекција отколку на вистинска трансформација.

Бројките изгледаат убедливо, но политичката тежина останува концентрирана таму каде што и претходно беше.

Слична логика може да се препознае и кај Социјалдемократски сојуз на Македонија. И таму, постизборните кадровски решенија донесоа мешавина од стари и релативно познати имиња, без јасен сигнал за лидерска или програмска пресвртница. Наместо радикален рез, се избра патот на контролиран континуитет, односно доволно промени за да се каже дека нешто се случува, но недоволно за да се наруши внатрешниот баланс.

Во таков амбиент, крупните идеи како ветингот или целосното проширување на бадентеровиот принцип остануваат без јасен институционален и општествен контекст.

Кога нема широк консензус, тие лесно се претвораат во политички алатки наместо во системски решенија. Наместо да ја зајакнат довербата во институциите, можат да произведат нови линии на сомнеж и поделба, тивки, но длабоки.

По сите конгреси, реконструкции и најави, впечатокот е дека политичката сцена повторно се движи во круг. Реформите се присутни во говорот, но ретко во структурата.

Стабилноста се чува како највисока вредност, а ризикот внимателно се избегнува.

Б.Т.

Слични содржини