Муцунски: Веројатно во некои моменти и за нас можеби било полесно да се направи коалиција со ДУИ, но сме одлучиле да одиме по потешкиот пат

Муцунски беше запрашан дали беше превисоко нивото на застапеност на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека пратеничката Стојаноска и генсекот на партијата Сајкоски присуствуваа на Конгресот на ДУИ, во контекст на секојдневните квалификации на ВМРО-ДПМНЕ кон партијата на Ахмети

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Фејсбук

Откако членови на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни на Конгресот на ДУИ кој се одржа изминатиот викенд, потпретседателот на партијата и министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски синоќа беше запрашан дали беше превисоко нивото на претставеност на партијата на Конгресот, со оглед на квалификациите што ги употребуваат од партијата кон партијата од Мала Речица. Колку за потсетување, на Конгресот присуствуваа пратеничката Дафина Стојаноска и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.

-Квалификациите што ги користиме за ДУИ се реален репрезент што таа партија прави во своето функционирање. Нашиот став за ДУИ е кристално јасен. Веројатно во некои моменти и за нас можеби било полесно да се направи коалиција со ДУИ, но сме одлучиле да одиме по потешкиот пат бидејќи сме верувале дека за ДУИ е добро да почнат процесите на внатрешна реформа и партијата да замине во опозиција. Нашиот однос кон ДУИ најдобро се рефлектира преку тоа што се гледа каде е ДУИ сега. ДУИ е во опозиција и заради силното политичко дејствување на ВМРО-ДПМНЕ остана во опозиција и по завршување на локалните избори, рече Муцунски во интервјуто за емисијата „360 степени“ на МРТВ.

За присуството на членовите на партијата на Конгресот, Муцунски истакна дека можеби не се согласуваат во политичките ставови, но не значи дека нема да ги почитуваат како политички субјекти.

-Има многу политички субјекти со кои имам спротивставени позиции, но, не значи дека доколку не поканат да бидеме нивен гостин, нема да им дадеме минимална почит. Ги почитувам и тие со кои не се согласувам, истакна, меѓу другото, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.