Кадровски одлуки во ДУИ – нови позиции за Османи и Биљали Зендели

Лидерот на ДУИ, Ахмети има и нов советник за односи со САД

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук/ДУИ

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес одржа состанок на Централното претседателство, на кој беа донесени неколку важни организациски и кадровски одлуки.

Поранешната пратеничка и нова потпретседателка на ДУИ, Арта Биљали Зендели, по состанокот, објави дека, со одлука на Претседателството и во согласност со статутот одобрен на последниот партиски конгрес, лидерот на партијата, Али Ахмети одлучил да направи нови назначувања.

Според неа, Фатон Ахмети е назначен за шеф на кабинетот на претседателот на ДУИ, додека Биљали Зендели е назначена за портпарол на партијата. Исто така, Сеадин Беќири е назначен за советник за односи со Соединетите Американски Држави на претседателот на ДУИ.

Ахмети, исто така, назначил нови раководители на ограноците на ДУИ во неколку градови. Бајрам Реџепи е назначен за огранокот во Тетово, Ридван Асани за Куманово, Фатон Положани за Струга, Валде Џафери за Гостивар, додека Бујар Османи е назначен за огранокот во Чаир.

Според Зендели, овие одлуки имаат за цел да ги зајакнат партиските структури и да ја зголемат ефикасноста на внатрешната организација на ДУИ во наредниот период.

Новата портпаролка не даде коментар за изјавите од министерот за надворешни работи и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и на лидерот на СДСМ Венко Филипче за тврдењето на Ахмети „дека ја растурил Југославија“.

„Јас би претпочитала да ги оставам тие одговори и реакции на Муцунски и Филипче на нив, не би сакала да коментирам“, рече Биљали-Зендели.