„АКТ и платформата МИЦКО.мк не се кампањи за дневна политика, туку алатки за разобличување на криминалниот начин на кој функционира власта, спротивно на јавниот интерес. Граѓаните силно не поддржаа, ни се приклучија во оваа заедничка борба против криминалот и корупцијата за што сме им благодарни. Досега има над 200 пријави, темелно ги разгледуваме, анализираме, и се ќе објавиме“, вели во интервју за „Локално“, новиот претседавач на Централниот одбор на СДСМ, Герасим Лазов за активностите на партијата во последниот период и платформата што ја активираа.
За назначувањето на в.д. јавна обвинителка со, како што вели, вакво минато, не е случајност, туку јасен политички сигнал. Според Лазов, кога на таа позиција се поставува обвинителка која барала да падне предмет како „Талир“, на која мажот и бил амбасадор пратен од ВМРО-ДПМНЕ и плус е во кумовски врски со Ставревски, тоа со право отвора сериозен сомнеж дека власта сака целосно да го стави обвинителството под своја палка.
-Нападите од поранешни или актуелни членови не ја менуваат суштината на промените кои СДСМ ги направи одвнатре. Новата сила е закана за ВМРО-ДПМНЕ. Нападите кон нашите другари од новото раководство се само дел о ддеофкусот на власта за темите како мигранти за пари и криминални тендери, вели соговорникот за обвинувањата кон партијата и нејзиниот лидер Венко Филипче.
Лазов истакнува дека СДСМ е отворена за соработка со секој кој е против изолација од ЕУ и против криминалот и корупцијата на власта, без партиски калкулации… Според него, секоја соработка мора да биде принципиелна и со партнери кои ја делат нашата визија за модерна, транспарентна и демократска држава.
-Додека користат исти ПР стратегии како Вучиќ, кој веќе се соочува со блокади од САД, Македонија ризикува да се затвори во зависни политики и неповолни геополитички позиции, додава членот на СДСМ за евроинтегративниот пат на земјава и положбата во моментов.
Избран сте за Претседавач на ЦО на СДСМ. Како гледате на оваа укажана чест и што значи тоа за вас?
– Оваа укажана чест ја доживувам со голема благодарност, но пред сè како сериозна одговорност. Изборот за Претседавач на Централниот одбор на СДСМ не е лична привилегија, туку обврска да се работи чесно, принципиелно и во интерес на граѓаните и членството. Посебна благодарност упатувам до претседателот на СДСМ, Венко Филипче и до генералниот секретар Александар Саша Димитриевиќ, за укажаната доверба и поддршката но и до членовите на СДСМ. Воедно, искрена благодарност до сите членови на Централниот одбор за дадената доверба, таа за мене претставува силен мотив и обврска одговорно и посветено да ја извршувам оваа функција.
За мене ова значи продолжување на борбата за силна, модерна и демократска СДСМ партија која ќе биде вистински глас на народот, коректив на оваа криминална и ненародна власта и двигател на прогресивни политики. Ќе се залагам за отвореност, вклучување на членството, јакнење на внатрепартиската демократија и јасна, гласна опозиција таму каде што се загрозуваат јавниот интерес, правдата и стандардот на граѓаните.
Ова го гледам како дел од новаа сила на СДСМ, новата енергија со која ја обновуваме довербата и го зацврстуваме единството. СДСМ е подготвена!Борбата за Македонија продолжува!

Фото: СДСМ
АКТ и МИЦКО.мк е нешто со кое партијата очигледно се обидува да ја „потресе власта”, откривајќи различни скандали. Засега нема некоја посилна реакција од партијата на власт, па како вие гледате на нивната успешност? Ги допира ли сето ова граѓаните?
–АКТ и платформата МИЦКО.мк не се кампањи за дневна политика, туку алатки за разобличување на криминалниот начин на кој функционира власта, спротивно на јавниот интерес. Граѓаните силно не поддржаа, ни се приклучија во оваа заедничка борба против криминалот и корупцијата за што сме им благодарни. Досега има над 200 пријави, темелно ги разгледуваме, анализираме, и се ќе објавиме. Граѓаните ќе препознаат дека некој конечно јавно го кажува она што тие секојдневно го чувствуваат и кој е пдоготвен да се бори за нив и за интересот на Македонија.
Граѓаните се директно допрени, затоа што зад секој скандал стои нивниот џеб, нивниот стандард и нивната иднина – поскапи сметки, нефункционални институции, селективна правда и корупција. АКТ и МИЦКО се само почеток. Заедно ќе ја одбраниме Македонија од криминалот и корупцијата.
Велите имате „еден куп материјали” за власта. Дали ќе слушнеме нешто „шокирачко од кујната на ВМРО-ДПМНЕ” во следниот период?
– Кога велиме дека имаме „еден куп материјали“, тоа не е политичка флоскула ниту најава за сензација. Станува збор за конкретни факти, документи и информации кои јасно покажуваат како власта на ВМРО-ДПМНЕ функционира зад затворени врати со злоупотреба на институциите, наместени тендери, партиски договори и штетни одлуки. Дали ќе има нешто што јавноста ќе го доживее како „шокантно“? За жал, да. Не затоа што ние сакаме сензационализам, туку затоа што степенот на ароганција, корупција и клиентелизам што излегува на површина е навистина загрижувачки. Дел од тие материјали ќе бидат објавувани постепено, одговорно и со докази, за да не остане простор за манипулација или релативизирање.
Нашата цел не е медиумски спектакл, туку вистината да стигне до граѓаните и институциите да бидат принудени да реагираат. Граѓаните имаат право да знаат што се прави во „кујната“ на власта и кој носи одлуки што директно им го уриваат стандардот, правдата и иднината. И во тој процес нема да застанеме.
Деновиве е назначена и нова в.д. јавна обвинителка, а станува збор за истата обвинителка која барала да падне предметот „Талир“. Дали е ова директно доведување на обвинителството под „своја палка”и очекувате ли реваншизам можеби врз вас како партија, но и напад генерално врз опозициски настроените граѓани?
– Назначувањето на в.д. јавна обвинителка со вакво минато не е случајност, туку јасен политички сигнал. Кога на таа позиција се поставува обвинителка која барала да падне предмет како „Талир“, на која мажот и бил амбасадор пратен од ВМРО-ДПМНЕ и плус е во кумовски врски со Ставревски, тоа со право отвора сериозен сомнеж дека власта сака целосно да го стави обвинителството под своја палка. Ова не е прашање на личност, туку на принципи и порака што ѝ се испраќа на јавноста.
Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не сака независно обвинителство, туку обвинителство под целосна нивна контрола, кое ќе го штити криминалот на власта, ќе затвора очи и ќе селектира. Тоа е опасен чекор назад за правната држава и директен удар врз владеењето на правото. Кога правдата се партизира, таа престанува да биде правда.
Што се однесува до реваншизмот да, таков ризик постои. И тоа не го зборувам теоретски. Јас лично веќе се соочувам со притисоци: против мене се поднесени две кривични пријави без никаква основа и има притисоци на моето работно место, јас се соочувам со обиди за заплашување и замолчување.
Но, сакам да бидам апсолутно јасен тие притисоци не ме плашат и нема да се повлечам. Напротив, тие се дополнителен мотив да продолжам уште погласно и поодлучно да се борам против злоупотребите, селективната правда. СДСМ нема да молчи и нема да се повлече. Ова не е борба само за една партија или за поединци, туку борба за секој граѓанин кој сака држава во која правдата е еднаква за сите, а институциите не служат како алатка за пресметка со неистомислениците.

Фото: Фејсбук/Герасим Лазов
СДСМ направи промени одвнатре, дел од јавноста е на мислење дека лица како Фрчкоски и Андов „Сокол“ не може да бидат во врвот на партиіата поради нивната историја. Добивте и напади од поранешни и актуелни членови (Шилегов, Деспотовски…). Како гледате на овие напади, дали се оправдани?
– Нападите од поранешни или актуелни членови не ја менуваат суштината на промените кои СДСМ ги направи одвнатре. Новата сила е закана за ВМРО-ДПМНЕ. Нападите кон нашите другари од новото раководство се само дел о ддеофкусот на власта за темите како мигранти за пари и криминални тендери. Удривме во осиното гнездо и затоа се тие напади. Нема да им помине, АКТ им дише во врат и одговорност ќе има! Нема да застанеме.
Многу се зборува, но и самиот тек на настаните како да водат, за предвремени парламентарни избори напролет. Со оглед на бројките од локалните избори, може ли СДСМ да се спротивстави во моментов на владејачката партија?
– Точно е дека во јавноста се зборува за можноста за предвремени парламентарни избори напролет. Тоа е планот на власта, избори па мигранти во јуни. Довербата на власта е сериозно нарушена, па им се брза. Состојбата не е иста како за локалните избори. СДСМ не е сам, граѓаните се со СДСМ.
Засега дејствувате сами, но под кои услови СДСМ би коалицирал со други партии? Имате ли „црвени линии” во таа насока?
– СДСМ засега дејствува со актуелната коалиција, која се покажа како стабилна и конструктивна во носењето на важни одлуки за државата и граѓаните. Истовремено, се водат разговори и со други партии за можни соработки, со цел да се обезбеди поширок консензус за клучни реформи и политики. Претседателот Филипче најави и Фронт за првада, во којшто очекуваме да се приклучат и други партии, заедно да застанеме во борбата за правда, против криминалот и корупцијата.
Она што е охрабрувачки е што оние кои излегоа од коалицијата на локалните избори имаат отворени разговори за можност повторно да се вклучат, со што се создава можност за зацврстување на демократската стабилност и унапредување на политичката соработка.
СДСМ е отворена за соработка со секој кој е против изолација од ЕУ и против криминалот и корупцијата на власта, без партиски калкулации, кој ги дели нашите вредности и е спремен да се бори за независни институции, борба против корупција и поставување на граѓаните на прво место.
Со други зборови, секоја соработка мора да биде принципиелна и со партнери кои ја делат нашата визија за модерна, транспарентна и демократска држава.
Македонија на закочен евроинтегративен пат, со блиски врски до лидери на европски земји кои се сметаат за „црни овци” во ЕУ, задолжена „до гуша’ во унгарски (кинески) и британски кредити, со голем број иселени млади и зафатени од „бела чума”. Каква иднина може да очекува Македонија?
–Македонија се наоѓа на закочен евроинтегративен пат, ние сме црна точка во Европла затоа што на власта така и одговара. Сакаат Македонија да биде изолирана за да вртат криминални тендери. Тоа е нивното сценарио. А блиските врски на власта и на премиерот со лидери кои се сметаат за еден вид на „црни овци“ во ЕУ создаваат сериозен ризик. Додека користат исти ПР стратегии како Вучиќ, кој веќе се соочува со блокади од САД, Македонија ризикува да се затвори во зависни политики и неповолни геополитички позиции. Задолжувањето со неповолни кредити, масовното иселување на младите и зафатеноста од „белата чума“ дополнително ја еродираат перспективата за државата.
Ако се продолжи со сегашниот курс, иднината на Македонија ќе биде соочена со економска стагнација, слабеење на институциите и ограничени можности за младите.
Со силна политичка волја, мобилизирано граѓанство и одговорни институции, Македонија може да се врати на патот на развој, европска интеграција и стабилна, просперитетна иднина.
Н.П.