Резаевизација на СДСМ

„Ќорсокакот Мициленд – угоре високо удолу длабоко. Резаевизацијата на СДСМ го затвора рециклираниот погубен круг и го враќа СДСМ во најлошото место од историјата, со еманација на сосема анахрона празна фразеологија наместо современа идеологија на социјалдемократски патриотизам“

од Nikola Popovski
82 прегледи Фото: Архива

Колку што знам и успеав да сфатам посебно од веќе прочуеното „групно селфи“ на Венко, најголем број на најновите партиски функционери на сдсм се или од времето на Заев или се поврзани со оној злогласниот што сакаше со француски клуч да го демонтира споменикот на Александар Македонски во Скопје –  што значи во фотографијата гледаме затворање на рециклираниот круг на новата заевизација на сдсм. Наместо де-заевизација добивме ре-заевизација, наспроти објективните индиции во првите неколку месеци откако дојде Венко на „Бихачка“, кога се забележа нов квалитет што даваше надеж за нов сдсм кои ќе може да биде предводник на борбата против режимот. Со свесната ре-заевизација на сдсм се поништи дури и самата можност за ослободување од диктаторскиот режим во мициленд. Не станува збор само за персоналните решенија на Венко туку за искуството со тие луѓе кога беа власт, а човекот впрочем не можеш да го раздвоиш од неговите дела. Додуше, и оваа најнова екипа ќе потрае само до следните избори, бидејќи уште отсега е сосема јасно дека ќе изгубат и тоа силно – веќе се обложив дека ќе имаат помалку или ист број на пратеници дури и од левите а јас облози за политика не губам. Ако навистина има избори напролет толку ќе трае и ова најново раководство на старо-новото заевистичко сдсм.

Големиот проблем со ова е што дека без дезаевизација на сдсм, што е прва и неопходна етапа во какво-такво ребрендирање на политички озлогласениот заевистички сдсм кај огромното мнозинство на Македонскиот народ, нема воопшто повеќе политичка надеж во мициленд барем до следните избори. Смешно е враќањето на квази неолибералниот речник од шарената соросоидна револуција (иако веќе ги нема фондовите на сорос и некогаш гласните и добро платени НВО кои некако чудно ги снема во јавноста веќе првиот ден откако победи дпмне мицковистичко) во нивните патетични и смешни партиски соопштенија А уште посмешна е тотално бизарната директна поддршка на шарените блокадери во Србија и плејадата ликови како Грухоњич, Бачулов, Бакич, оној лик со кој се фотографирал Венко во Брисел, наследник на Џинџиќ во партијата (му го заборавам името) која нема да има своја листа на изборите следната година затоа што ќе дале безусловна поддршка на т.н. студентска листа, како и некојси Протиќ кој најдиректно го негира Македонскиот историски идентитет –  таман друштво за сдсм. Сомнително е зошто сдсм се вклучи активно во регионалната кампања против Вучиќ дури и ако намерата им е на бранот на процесите во Србија да се влечкаат и тие овде. Не знам дали се свесни дека тоа може да остави големи негативни историски последици по односите меѓу Македонскиот и Српскиот народ – нивното зафаќање на страна во Српската внатрешна политика, згора на тоа и страната на блокадерите згубидани, каде што има идеи за признавање на протекторатот косово и метохија, сецесионистички идеи за Рашката област, федерализација на Србија и слични будалаштини. Веќе и самото тоа го потврдува трендот на резаевизација и враќање кон шарената сородоидна квази идеологија. А, ново шарено лудило не му треба на Македонскиот народ –  во претходното ги изгуби името и историјата, стана двојазична, а сега може само и територијата да ја изгуби затоа што нема повеќе што друго, не остана ништо за Македонскиот народ. Сепак, за среќа, такво нешто нема да се случи, некаква реприза на масовна хипноза со квази мета-нарации а всушност шарени лаги што впрочем се виде преку „изневерените идеали“ на шарената од страна на Заев, според признанието на многу учесници во истата. Македонија имаше трауматично искуство со шарените, и нема да се повтори тоа време, а конечно, и нема поддршка од САД и ЕУ за такво нешто, туку токму спротивно – САД и ЕУ го поддржуваат режимот. Уште повеќе, мицињата не се повеќе демократското и и толерантно вмро-дпмне во времето на Груевски –  брзо ќе го дознаат тоа гласните од сдсм, ако веќе не дознале досега. Затоа, наместо детски приказни и играчки и селфи, подобро би било за нив да се прашаат како дпмне мицковистичко успеа да ги превземе контактите и поддржувачите, па и проектите на шарената револуција и сите странски фондации и институции (на пример, ОБСЕ е невидено тивок во изминатава година и половина) кога суштински е против ЕУ и демократските вредности.

Ќорсокакот мициленд – угоре високо удолу длабоко. Резаевизацијата на сдсм го затвора рециклираниот погубен круг, и го враќа сдсм во најлошото место од историјата, со еманација  на сосема анахрона празна фразеологија наместо современа идеологија на социјалдемократски патриотизам. Глупавото соопштение против Данела (која за мене претставува современа хероина на отпорот кон режимот) и поставувањето на за споменикот на Ќосето беше критичната точка и временска одредница на враќањето на сдсм кон губитничкиот сдсм. И ако се направи споредба пред и по тоа соопштение сдсм наликува на џекил и хајд, со контрадикторни соопштенија – некои патриотски (како за мигрантите), некои антимакедонски (како за Ќосето), а некое се едноставно глупави, како споредбите со Србија, дпмне со СНС и со Вучиќ. Како и зошто се случи тој радикален прекин на успешниот почеток на воспоставување на нов, победнички и про-македонски сдсм останува мистерија.

Очекувано, не можеше да помине многу време за таквиот старо-нов сдсм да се соочи со себеси и своите политичи гревови, сопствените валкани политички игри и договори, погубни антимакедонски политики, своето мрачно минато, итн. На пример, реагираат во врска со измените на КЗ, во смисла на тоа дека биле спротивни на ЕУ препораките и слично, ама не кажуваат дека токму тие во 2023 година го сменија/избришаа 353 од КЗ, наспроти ЕУ препораките. Значи тие тогаш го поднеле законот, тие го гласале законот, дпмне само правеле кворум на Собраниската седница и не гласале „за“. Оттаму, одговорноста за тоа е целосно нивна, а сега мислат дека народот има кратко помнење па станале демек многу загрижени за правдата и правото. Добра шега. Патем, тогаш ЕУ беше дури и најдиректно и експлицитно против тие промени на КЗ, ама сепак го изгласаа. Зошто?! Па прашајте го Заев во Дубаи или можеби на јахтата во Медитеранот. Којзнае, може било договорено со дпмне, а се знае дека тоа беше една од причините за нивниот голем пораз во 2024 година.

Можеби беше лудост воопшто и да се помисли дека сдсм може да биде нешто друго од веќе нам добро познатото по лошо сдсм, но сепак мораше да се проба да им се даде памет, во име на борбата за слобода и демократијата. Наместо памет, оттаму добивме како концепција старо-нова збирштина соросоидни отпадоци на шарената револуција, а ако уште таму и се „претопат“ некои помали партии како што најави Венко а тие се веројатно оние од малцинствата кои со нивната агенда за пограѓанствување на Северна и Македонскиот народ ни се исто така добро познати, сигурен сум дека наскоро ќе ја снема насмевката на тие насмеаните од селфито ликови во еуфорија, чиниш како да го вратиле името и стварно веруваат дека ќе ги победат левица (за дпмне мицковистичко воопшто не станува збор), такви какви што се, со сиот негативен бекграунд за кои знае Македонскиот народ бидејќи го почувствува на своја кожа. И така, се на се, тажната приказна наречена резаевизирано сдсм ќе заврши уште пред да почне, најдоцна до следните избори кога  повторно катастрофално ќе ги изгуби. И покрај тоа што на дело е најлошата и најнеспособната влада некогаш, со самиот факт дека сме најсиромашната држава во Европа, ваквото сдсм не е воопшто алтернатива буквално за ништо; па богами стварно не знам кои би гласал за некои ликови таму од групното селфи на „новото“ раководство на сдсм. Ваквиот резаевизиран сдсм како политички субјект е ќорсокак –  со најновите селфисти на Венко, режимот мирно ќе си владее врз нас –  а може тоа и била целта на гротескното групно селфи, којзнае. Сепак, што вели нашиот народ, секое лошо за некое добро, па така и сега, ете, конечно изгледа овојпат Ана Чупеска си го најде местото во резаевизираното сдсм, откако си поднесе оставка од потпретседателската функција – насмеана прифатила друга, па барем и понатаму ќе ги гледаме нејзините незаборавни настапи на ТВ и јутјуб, што е ептен надежно среде сиот очај во мициленд.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини