Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција го повтори својот претходен став дека очигледна е соработката на македонските власти со српската власт на тамошниот претседател Александар Вучиќ и партијата СНС. Филипче оценува дека на „јавноста веќе ѝ паѓа во очи како премиерот Христијан Мицкоски сака да го имитира Вучиќ во зборувањето, стоењето, движењето и концептот на изјавите“ и го нарече „малиот Вучиќ“.
Притоа Филипче направи една споредба помеѓу трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ и трагедијата на железничката станица во Нови Сад. Лидерот на СДСМ потенцира дека има функционери од власта кои што се целосно заштитени и не се опфатени со истрагата за Кочани.
За проблемот со Бугарија, вели дека тоа е завршена работа и дека вметнувањето на Бугарите во Уставот е само еден механизам како да стигнеме до ЕУ.
-Вметнувањето на Бугарите ќе не однесе таму каде што стратешки и со децении наназад се стремиме да стигнеме. И тоа е повторно една форма на извртување на фактите и спинување за да се претстави како предавство, а во суштина да нема реформи, европски обвинители и трансформација на правосудството и да продолжи да цвета криминалот и корупцијата, рече Филипче, обвинивајќи ја власта.