Со докторска и пратеничка плата не се доаѓа до инвестиција од 500 илјади долари, велат од ВМРО-ДПМНЕ и продолжија со обвинувањата кон Филипче

ВМРО-ДПМНЕ повторно го прашува лидерот на СДСМ како се стекнал со „златната виза за Дубаи“

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Локално

„И СДС и Филипче потврдија дека Заев гради зграда во Дубаи, од каде и двајцата имаат златни визи, но велат дека Филипче не е партнер во овој милионски градежен зафат. Она што се јавува како дилема, и на што Филипче сè уште не дава одговори, е како и по кој основ ја стекнал златната виза за Дубаи“ – вака  од ВМРО-ДПМНЕ продолжија со обвинувањата кон лидерот на СДСМ за неговата наводнна поврзаност со екс-премиерот Зоран Заев.

Партијата на власт повторно го прашува Филипче „дали златната виза ја добил поради инвестиција од најмалку 500 илјади долари, во недвижности или бизнис?“.

-Ако овој основ, инвестиција на 500 илјади долари во недвижен имот, е причината за добивањето на златната виза, тогаш Филипче должи уште еден одговор, како ги заработил овие пари, посебно што и тој и СДС постојано потенцираат дека работи само како доктор. А со докторска плата, а сега пратеничка, до таква баснословна сума не се доаѓа.

Ако сака Филипче да ги расчисти дилемите, го повикуваме Филипче да ги покаже документите за работа врз основа на кои вели дека ја добил златната виза за Дубаи. Доколку навистина бил ангажиран во Дубаи, договарал работа во некоја болница или кој било друг професионален ангажман, нема да му биде проблем тоа да го потврди со документи и да ги расчисти сите дилеми кои се појавија во јавноста, стои, меѓу другото, во ставот од „Белата палата“.

Претседателот на СДСМ веќе демантираше дека има удел во бизнисот на екс-премиерот Заев за изградба на 42-катницата во Дубаи, како што обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. Филипче на брифинг со новинарите истакна дека нема станови во ОАЕ и потенцира дека се работи за дефокус на кујните на ВМРО-ДПМНЕ.

Рече дека има виза за многу други земји и дека тоа е дел од обидот да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми.

-Голема невистина и дел од обидот за дефокус, процес кој што подолго време трае наназад, кажа лидерот на СДСМ.

За поранешниот соработник на Заев, Томе Аврамски кој во емисија на српските медиуми изјави дека и Заев и Филипче имаат станови во Дубаи, претседателот на СДСМ рече дека „не го знае човекот“.

-Гледав некој рил од некое интервју и тоа се тие обиди за дефокус од кујните на ВМРО-ДПМНЕ. Знам дека кога се притиснати до ѕид и не знаат да одговорат, посегнуваат по вакви приказни, кажа Филипче во петокот во одговор на новинарско прашање.