СДСМ во моментов личи на партија што не знае дали да почне ремонт или да го прогласи пожарот за нова стратегија.
Поразот од власта ги отвори вратите за пресметки што со години се туркаа под тепих, а сега излегуваат на дневна светлина без срам и без воздршка.
Сè започна со потегот на Славјанка Петровска кога се откажа од трката за претседател на партијата и по реизборот на Венко Филипче за старо-нов лидер изјави дека „СДСМ е заробена партија“.
Се јави и Јован Деспотовски кој рече дека СДСМ видел и подобри лидери, а силно одекна и изјавата на Петре Шилегов преку која му порача на Филипче да избере „партија или тезга“.
Во низата напади се вклучи и поранешниот струмички градоначалник Костадин Костадинов, кој го замрзна членството во партијата како сигнал дека нешто не е во ред.
Па така, ова не изгледа како внатрешен дијалог, туку како почеток на политичка расправа пред публика. Партијата оди кон Конгресот на 24 јануари со повеќе нервоза отколку план, а прашањето не е кој ќе победи, туку дали воопшто има доволно сила да преживее до таму како целовита организација.
Кога Венко Филипче ја презеде функцијата, дел од јавноста го доживеа како личност што може да внесе ред, некој со умерен тон и без долга листа на непријатели.
Но, како што минуваат минутите, наместо време за реформи, тој добива време за одбрана од луѓе што до вчера му биле колеги и сојузници.
Изгледа како да влегол во партија што го повикала да ја спаси, а веднаш потоа му ги врзала рацете.
Иронијата е што поддршката што ја има од членството и дел од локалните организации не изгледа како проблем. Проблем изгледа тоа што секојпат кога ќе се отвори прозорец, од него излегува уште една критика.
СДСМ се наоѓа во фаза кога сите зборуваат за „обединување“, но ретко кој сака да се обедини со некого што не го поднесува.

Фото: Јутјуб/Принтскрин
Личните суети играат голема улога, а старите фракции гледаат шанса за враќање на позициите. Ова не е идеолошки судир, туку класична борба за влијание.
Некој се надева дека Филипче ќе падне, друг дека ќе се повлече сам, а трети гледаат шанса да се појават како „трета опција“ кога сè ќе изгори.
Во таква атмосфера, секоја добра намера завршува како политички аплауз или нов статус на Фејсбук.
Од аспект на обичен гласач, ова изгледа како партија што не може да се сопне на власта, туку на самата себе. Оти, кога граѓаните ќе видат повеќе расправии отколку идеи, тие обично одат таму каде што барем има впечаток на стабилност.
Опозицијата што се кара самата со себе е подарок за власта, а моментално изгледа дека ВМРО-ДПМНЕ треба само да гледа и да не пречи додека СДСМ се заплеткува и расплеткува.
Се поставува и непријатното прашање: дали Филипче може да биде лидер што ќе ја задржи партијата? Може, ако добие простор. Но просторот моментално изгледа како ходник во кој секој поминува и фрла по една прозивка.
Тој ќе мора да покаже авторитет, не со убави зборови, туку со конкретни потези.
Ако продолжи вака, ќе стане човек што ја наследил партијата во момент кога таа работеше против самата себе.
На крајот на краиштата, останува впечаток дека СДСМ не губи само поради избори, туку и поради тоа што не може да објасни кој кому ја урнисува столицата.
Конгресот ќе даде одговор, но ако атмосферата не се смири пред него, постои ризик на крајот некој да победи, ама партијата да загуби.
И ова ќе звучи сурово, но вистинито: СДСМ може да преживее пораз, но тешко ќе преживее самоуништување.
Б.Т.