ДУИ: ВЛЕН молчи додека Стоилковиќ отпушти седум Албанци со решенија за трајно вработување

„Балансерот донесе застапеност, ВЛЕН донесе отпуштања“, обвинуваат од ДУИ

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук страница на ДУИ

ДУИ денес ја обвинува коалицијата ВЛЕН дека се обидува да претстави лажна реалност преку манипулирана статистика и вештачки триумфализам, додека на терен се случува спротивното, како што велат, „отпуштања на Албанците од државните институции“.

„Народниот правобранител јасно потврдува дека зголемувањето на застапеноста на Албанците се случило до октомври 2024 година, односно додека бил на сила механизмот за балансирање. Секоја позитивна бројка во извештајот од 2024 година е директен резултат на овој уставен механизам, изграден и бранет од ДУИ, а не на никаква политика или обврска на ВЛЕН.

Во меѓувреме, по укинувањето на „Балансерот“, реалноста во институциите зборува поинаку.

Само пред една недела, седум Албанци со решенија за трајно вработување беа отпуштени без никаква законска причина, под директна одговорност на министерот Стоилковиќ, додека ВЛЕН молчи. Уште поалармантно е што меѓу отпуштените има и воени инвалиди, што претставува сериозна правна, морална и национална неправда“, обвинуваат од ДУИ.

Оттаму додаваат дека ВЛЕН вети дека ќе „ги заштити албанските административци“.

„Денес е јасно дека нема ниту глас, ниту храброст, ниту политичка волја да застане во нивна одбрана. Нивното молчење пред овие произволни отпуштања е политичко соучество.

Политичката иронија го достигнува својот врв кога ВЛЕН, заедно со ВМРО-ДПМНЕ го нападна балансерот, додека денес ги претставува своите придобивки како свој успех. Одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот во октомври 2024 година, која тие ја прогласуваат за „победа“, не е ништо повеќе од директна реализација на предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, пресликана збор по збор во владината програма доставена до Собранието во 2024 година“, велат од ДУИ.