Интервју со Трендафилов: Ако сме сме на врвот по раст на економијата, тогаш зашто сме на дното по раст на платите?

Владата континуирано се фали со економскиот раст и како тоа сме прва, втора или трета економија во Европа, тогаш со таквиот економски раст можат веднаш да ја зголемат минималната плата, затоа што не е својствено да сме на врвот по растот на економијата, а на дното по висината на платите, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов во интервју за „Локално“

од Vladimir Zorba
65 прегледи Фото: Фејсбук/ССМ

На седницата на ЕСС од страна на Владата и работодавачите пред Нова година се лицитираше со износи за раст на минималната плата од 600, 700, 800 и 1.000 евра, а истовремено беше истакнато дека имаат желба да го направат тоа но немале можности.

Владата континуирано се фали со економскиот раст и како тоа сме прва, втора или трета економија во Европа, тогаш со таквиот економски раст можат веднаш да ја зголемат минималната плата, затоа што не е својствено да сме на врвот по растот на економијата, а на дното по висината на платите, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов во интервју за „Локално“.

На последната седница на Економско – социјалнио совет не се донесе одлука за зголемување на минималната плата. Дали сметате дека ова беше уште еден обид на Владата да покаже дека „се грижи„ за работниците?

-Се покажа дека Економско – социјалниот совет е само форма, без суштина, имајќи во предвид дека изминатава година се направија неколку измени на клучни закони за работниците и на нивна штета, без дискусија на ЕСС. Од друга страна на последната седница на ЕСС, доколку Сојузот на синдикати на Македонија не бараше да се дискутира за потребите од раст на минималната плата и на сите останати плати, немаше ниту да разговараат на таа тема, тогаш може да се извлече заклучокот дека Владата и работодавачите „многу се грижат“ за работниците.

Дали верувате во изјавите на министерот за економија Бесар Дурмиши дека и Владата сака да биде 1.000 евра, но ниската продуктивност и слабиот економски раст не го дозволуваат тоа?

-На седницата на ЕСС од страна на Владата и работодавачите се лицитираше со износи за раст на минималната плата од 600, 700, 800 и 1.000 евра, а истовремено беше истакнато дека имаат желба да го направат тоа но немале можности. Имајќи во предвид дека Владата континуирано се фали со економскиот раст и како тоа сме прва, втора или трета економија во Европа, тогаш со таквиот економски раст можат веднаш да ја зголемат минималната плата, затоа што не е својствено да сме на врвот по растот на економијата, а на дното по висината на платите. Се разбира дека со аргументи, врз основа на надлежните државни институции, ССМ ги разобличи сите изговори на работодавачите за некаква ниска продуктивност, па за тоа им оставивме време до крајот на оваа година да преземат одговорност, да седнат и да се договорат Владата и работодавачите за колку ќе ја зголемат минималната плата.

Практично на овој ЕСС се договоривте да продолжите да се договарате. Дали сметате дека овие седници на кој однапред се знае дека ништо нема да се промени се џабе губење време и создаваат впечаток кај народот дека некој си игра мајтап со него?

-На овој ЕСС се договоривме, да седнат Владата и работодавачите и да се договорат за колку ќе ја зголемат минималната плата и за колку ќе се зголемат останатите плати, а, секое одолговлекување, значи свесно оставање на работниците во сиромаштија.

Се создаде впечаток дека во државата не смее да се зборува за зголемување на минималецот. Кој создаде ваква атмосфера Владата или работодавачите?

-Сојузот на синдикатите на Македонија од почетокот на оваа година, преговара, протестира и штрајкува за зголемување на работничките плати. Веројатно сметаат дека доколку и ССМ се откаже од барањата тогаш ќе се создаде слика дека во Македонија работниците добро живеат, а платите се високи. За жал, притисоците кои се прават врз ССМ за да го замолчат ги отврати работодавачите да разговараат за зголемување на платите. Доколку не сакаат да се зборува на маса за зголемување на платите, тогаш ќе се зборува од улица.

Од Владата тврдат дека во моментов платите во Македонија не се најниски во регионот. Дали сметате дека од 1 јануари ваквата состојба ќе се промени со оглед на тоа што речиси сите земји во регионот најавија зголемување на платите од Нова година?

-Според јавно достапните информации, во Република Косово минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази. Во првата фаза од јануари 2026 година ќе изнесува 425 евра, а од јули 2026 година ќе изнесува 500 евра или зголемување за 150 евра. Во Албанија, од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе изнесува 500 евра нето 460 -470 евра. Минималната плата ќе се зголеми за 307.850 вработени, кои ќе го добијат износот од 500 евра. Владата ќе ги субвенционира и дополнителните трошоци за осигурување за вработените во приватниот сектор со 90 милиони евра за период од 9 месеци. Во Србија, Владата со Одлука ја зголеми минималната плата и истата од октомври 2025 година изнесува 500 евра, а од јануари 2026 година ќе изнесува 550 евра. Во Босна и Херцеговија, минималната плата за 2025 година изнесува 1000 км или 511 евра. Економско социјалниот совет се согласи од јануари 2026 година минималната плата во БиХ да изнесува за неквалификуваните работници 512 евра, за квалификуваните работници 538 евра, за работниците со ССС 564 евра, за работниците со виша 692 евра, а за работниците со ВСС 743 евра. Хрватска, минималната плата за 2025 година во нето износ изнесува 790 евра. Дури и Турција, на која се повикуваа владините претставници одлучи да ја зголеми минималната плата на 556 евра во нето од јануари 2025 година. Со минимална плата од 397 евра, Македонија е далеку зад сите овие држави.

Дали последниот податок дека секој петти Македонец е сиромашен е уште една потврда дека платите треба да се зголемат. Што да очекуваат работниците во 2026 година дали само усогласување или вистинско зголемување на платите?

-Ако се знае дека над половина од семејствата во државата живеат во сиромаштија според податоците на ДЗС за претходната година, а според овие податоци секој 5 ти граѓанин во државата е сиромашен, легитимно е прашањето што чека Владата и за чии интереси се држат македонските работници во заложничка сиромаштија. Работниците веќе јасно се изјаснија дека бараат зголемување на минималната плата и на сите останати плати – 99,5 отсто од испитаниците во анкетата на ССМ се подготвени уште од јануари да поддржат протести и штрајкови, а ССМ ќе постапи согласно таа волја. Моќта е во работниците и нивната бројност организирани во ССМ. Сите работници кои сметаат дека имаат ниска плата, кои сметаат дека платата не им е соодветна на трудот кој го вложуваат, кои сметаат дека работодавачите не ги ценат доволно или ги потценуваат, а не можат сами да го променат тоа, треба да ни се придружат. Ги повикуваме работниците да ни дадат што е можно поголема поддршка во наредниот период за следните чекори кои ќе ги направиме. Доколку аргументите не се слушаат, ССМ ќе биде принуден, заедно со работниците, да премине на следните синдикални чекори – протести и штрајкови. Ниту едно од работничките права не ни е подарено, за секое од нив се имаме изборено, а така ќе биде и овојпат.

Б.С.