Прогнози и глобални трендови во 2026: Што ги очекува Украина, Европа, Западниот Балкан…

Мирот на Западен Балкан зависи од политичката (не)стабилност на Република Српска и Косово, западноевропските политичари да вложат поголеми напори за склучување траен мир во Украина

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: Фејсбук/НАТО

2025 година беше одбележана со две крвави војни и повеќе тензии низ светот, враќајќи ја планетата во темно минато исполнето со воени злосторства, непочитување на меѓународното право, страдање и смрт без казнивост, нешто што мислевме дека никогаш нема да се врати од историјата. Никој не може да предвиди што ќе се случи во 2026 година, исто како што никој не можеше да го предвиди крвопролевањето во Газа, контраофанзивата на Украина, меѓусебните напади на Израел и Иран – при што интервенираа американските сили и ги нападнаа клучните нуклеарни капацитети на Техеран…

Факт е дека светот со години е во состојба на тензија, а 2026 година ќе донесе нов, огромен предизвик – мировни разговори за ставање крај на војната во Украина. Сепак и Газа и Судан се две отворени воени жаришта кои би можеле да се решат во оваа година, но тоа ќе бара многу дипломатски напори од главните играчи на светската сцена. Тука е и прашањето со вечниот „буре барут“ на Западен Балкан….

Дел од соговорниците на „Локално“ се согласуваат дека генерално е тешко да се каже и предвиди како би се одвивале работите од едноставна причина што војната е најнепредвидливото политичко дејствување. Според експертот за надворешна и безбедносна политика, Емир Шкријељ, генерално се очекува подобрување – постепено деескалирање и решавање на конфликтот во Украина на преговарачка маса и релативно мирни сценарија на разврска или ограничени судири во остатокот на светот, особено во Венецуела, каде што смета дека нема да дојде до копнена инвазија на САД врз оваа држава, туку најмногу до ограничени воздушни операции од причина што таков потфат би бил долг, сложен, скап и ризичен.

-Најголемите грижи се на Блискиот исток и тука нема многу место за оптимизам, а не се исклучени можни ескалации поради сериозни осцилации во геополитичката рамнотежа. Имено, по падот на Башар Ал-Асад во Сирија и кршењето на т.н. Оска на отпорот (преку која Иран ја проектираше својата тврда моќ во регионот) чиј што главен дел беа баасистичка Сирија, Хезболах, Хамас и проиранската јеменска влада, дојде до експанзија на израелската воена моќ во околните земји што кулминираше во 12-дневната војна помеѓу Иран и Израел во јуни 2025. Од клучните странски актери во Сирија ја имаме Турција која капитализираше при падот на унитарната сиријска влада, а ваквиот раст на влијание кај Анкара не му се допаѓа на уште еден странски актер во оваа држава – Израел, кој во Турција гледа конкурент на отворениот сириски терен. Сирија моментално најмногу наликува на Либија после падот на Моамер Гадафи – во неа ја имаме владата во Дамаск предводена од Ал-Џолани, претежно курдските Сириски демократски сили (СДФ) кои држат 30% од севкупната територија, понатаму одметната територија на дурзиите на југот на земјата, како и израелска и турска окупациона зона. Иако со нова власт, оваа земја ја изгуби комплетната авијација, морнарица, муниција, тенкови и транспортери во текот бомбардирањата
при падот на Асад во декември 2024 кога Израел ја искористи можноста засекогаш воено да ја онеспособи Сирија и оваа земја повеќе да нема никакви шанси да пружи посериозен отпор кон евентуална агресија, објаснува Шкријељ.

Фото: Емир Шкријељ

Соговорникот истакнува дека Сирија е веќе третирана од Израел слично како Либан – на најмала провокација, инцидент или непосакувана политичка акција (обидот на Џолани да ги совлада сепаратистистичките Друзи на југот на Сирија) се возвраќа со несразмерно бомбардирање и уништување на инфраструктурата без било каква претпазливост да се избегнат цивилни жртви.

-Затоа Ал-Џолани, кој најверојатно ниту самиот не очекуваше дека ќе дојде на власт во минатата година, го моли Тел Авив за мир, а од друга повикува на помош од Турција. Ваквата дисфункционалност на Сирија трајно ќе го дестабилизира Блискиот исток, а допрва ќе се видат последиците од промената на политичко-безбедносната рамнотежа на поширок план. Исто така, се очекува дека оваа земја ќе стане солидна база за меѓународни екстремистички организации (овој пат без ограничување на Сирија и Блискиот исток) како што беше случај во други земји од регионот кои доживеаја  непосредна воена интервенција од политичкиот Запад (Ирак и Либија), но овој пат е клучно што тој центар е уште блиску до Европа. Најнакрај, агресивниот манир на воениот злосторник Нетанјаху (кој само во текот на една година ги нападна Палестина (Газа и Западниот Брег), Сирија, Либан, Јемен, Ирак, Иран и Катар) останува непроменет, а Иран дополнително се вооружува во очекување на нов напад, истакнува аналитичарот.

Околу безбедносната состојба во регионот и на Западен Балкан, Шкријељ објаснува дека состојбата е моментално стабилна, а тоа најмногу се припишува на желбата на балканските народи да живеат во мир и нивната упорност да го сочуваат мирот, но тоа не би смеело да нѐ задоволи на долги патеки туку во таа насока балканските држави треба да создаваат независни формално-правни механизми.

-Сепак, жално е што одредени балкански политичари не умеат да го искористат ваквото расположение кај народот и да постават темели на траен мир туку воведуваат политики на партикуларизам внатре а влечат кусогледи потези надвор, преценувајќи ја сопственатамоќ и земајќи ја поддршката од поголемите глобални политички актери како трајна состојба – тие се однесуваат како да нема да живеат со своите соседи во иднината притоа подмолно посакувајќија нивната пропаст, посочува аналитичарот.

Што се однесува до помалите и тлеечки конфликти чиј што деструктивен потенцијал не е занемарлив, вели Шкријељ, тука е северот на Косово каде покрај одреденото смирување и враќањето на Србите во локалните институции после локалните избори во октомври 2025 на кои партијата на Аљбин Курти, Самоопределување беше поразена, но сепак оваа политичка опција однесе неочекувано убедлива победа на парламентарните избори два месеци подоцна.

-Поради тоа е тешко да се очекува формирање на Заедницата на српски општини како потенцијален чекор напред во решавањето на овој повеќедецениски проблем. Курти во создавањето на ЗСО гледа федерализација на Косово и негова фактичка поделба на албански и српски дел и доколку остане на оваа позиција или не понуди друго решение, проблемот на северот на Косово ќе продолжи да тлее. Во такви услови уште потешко би било да се говори за евентуално признавање на Косово од страна на Србија што во оваа фаза е поголем проблем за Косово отколку за Србија. Имено, дури и на властите во Приштина им е јасно дека без признание од Белград нема да станат дел од меѓународните институции но сметаат на делотворноста на западниот притисок врз Белград, а не на евентуален билатерален договор. Оваа бескомпромисност на Приштина му оди на рака на Белград, кој игра на карта на одолговлекување на решавањето на статусот на Косово во надеж дека ќе дојде до промена на геополитичката рамнотежа, анализира Шкријељ.

Што се однесува до ситуацијата во Босна и Херцеговина, според соговорникот, судската смена на Милорад Додик од позиција на власт и забраната на вршење политичка дејност со поддршка на меѓународната заедница и Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) имаше потенцијал да ја дестабилизира оваа земја, меѓутоа за среќа не дојде до посериозни турбуленции.

Фото: ITVX

-На среден рок, останува да се види какви потези ќе влечат неговите политички наследници и дали во случај на повторено изразување сепаратизам и непочит кон институциите на Босна и Херцеговина повторно ќе се посегне по рецептот на нивна смена и забрана на политичко делување. На долг рок, сѐ уште е нејасно дали решенијата во вид на забрана на политичко делување ќе создадат дополнителни проблеми со тоа што ќе ги антагонизираат Србите во БиХ и нивната доверба во заедничките институции и демократскиот процес. Централистички настроените босанско-херцеговски политичари ќе треба да размислат во насока на создавање на поинакви механизми за одржување на интегритетот на БиХ без уплив на меѓународната заедница и ОХР доколку целат кон суштинска независност, инаку овој чин може да отвори пат кон идна смена и забрана за политичко делување на било кој демократски избран функционер во Босна и Херцеговина, не само поради конститутивни туку и поради идеолошки причини. Инаку, загрижува фактот што праксата на смена на избрани функционери, како и забраната за политичко делување или оневозможување на кандидирање на избори постои и во земји на Европската Унија како што е Романија, а притоа тоа овие чинови минуваат без некоја особена дебата околу суштественоста на демократските вредности, подвлекува аналитичарот.

Шкријељ потенцира како регионалната интеграција се чини како готов процес од аспект на земјите на Западна Европа за кои моментално е најважно овој дел на Европа да не го дестабилизира поширокиот континент во безбедносна смисла. Повеќето земји во регионот се членки на НАТО, а оние кои не се или соработуваат со Алијансата или дури имаат нејзино воено присуство на сопствената територија.

-Поради тоа што членството во НАТО не е гаранција за безбедносно единство, што можеме да го видиме во создавањето сојузи во рамки на Алијансата (оската Бугарија-Албанија-Хрватска), како што веќе нагласив, очекувам во балканските земји да бидат иницирани самостојни безбедносни платформи во кои потенцијално учество би зеле сите земји на Полуостровот. Инаку членството во глобални партикуларистички безбедносни конгломерати и мировните гаранции дадени од страна на нивните големи членки суштински значат застанување на балканските земји на иста страна најмногу кога станува збор за антагонизирање на актери надвор од овие сојузи и тоа речиси исклучиво во полза на главните актери на тие пактови каде во нашиот случај сме периферни играчи заедно со нашите соседи во регионот, наведува соговорникот.

Четири години војна во Украина….На прашањето дали по последната средба меѓу Трамп и Зеленски ќе влеземе во новата година со долгоочекуван мир, Шкријељ оценува дека иако се говори за мир, сведочевме на инцидент со напад на украинската војска врз резиденцијата на претседателот на Русија што потсетува на нападот на Израел врз Иран среде преговорите со САД во јуни 2025 година.

-Ова делува неповолно во поглед на постигнувањето мирно решение во овој наврат бидејќи се доведуваат во прашање и намерите на засегнатите страни особено поради тоа што се јавува сомнеж дека евентуални договарања и преговори за мир би служеле како параван за одвлекување внимание заради дестабилизација и слабеење на капацитетите на другата страна, во овој случај Русија.

Украина како земја е девастирана во последните десет години, со речиси прекратување на популацијата на пола (28 милиони во 2025 наспроти 52 милиони во 1993) и мирот најмногу им треба ним. Украинците се на прагот да го загубат и оној мал дел од преостанатиот животворен потенцијал на што се надоврзуваат и територијалните губитоци. Мирот ѝ е потребен и на ЕУ во која животниот стандард стагнира или дури и се влошува, а можноста за мирно решение не се разработува надвор од рамките на нанесување пораз на Русија преку вооружување на Украина.

Фото: Принтскрин

Иако во текот на оваа војна поголемиот дел на ЕУ е релативно безбеден, доколку војната продолжи таа ќе се соочува со сѐ поголеми економски проблеми поради несоработката со Русија (Европа е моментално поделен континент) и зависноста од поскапи решенија (особено во енергетиката) а тоа може да доведе и до внатрешното слабеење на ЕУ поради бледнеењето на статусот на економски тигар што е нејзин суштински адут во меѓународната политика. Повеќето земји на Западна Европа вложуваат драгоцени средства во вооружување наместо да се насочат кон медијација и
разрешување конфликти – една традиционална вредност која симболично беше напуштена и со самото определување на Швајцарија (инаку повеќевековна глобална мека за преговори и обиди за изнаоѓање решенија на меѓународно-политички план) против Русија со што таа за првпат скршна од патот на неутралноста, објаснува аналитичарот, додавајќи дека очекуваат дека „западноевропските политичари ќе сфатат каде води овој пат и дека набргу ќе ја сменат моменталната перцепција во која еден Трамп делува помирољубиво од претставниците на ЕУ и земјите на Западна Европа и дека тие најпосле ќе вложат напори за склучување траен мир“.

Со оглед на безбедносните предизвици и ризиците со кои се соочува светот, се поставува дилемата дали ЕУ треба да формира своја армија со војници од земјите-членки…Според Шкријељ, проблемот со ЕУ е што таа не поседува правна рамка преку која би можела да создаде војска – ваков еден чин би изискувал суштинско реструктурирање со дополнително централизирање и зголемување на ингеренциите, а тоа е не е возможно да се случи наскоро бидејќи имаме бројни членки (особено во источниот дел на Унијата) кои не би биле среќни со тоа.

-Дополнително, на Европската Унија ќе ѝ требаат долготрајни инвестирања во овој сектор за да создаде респектабилна воена сила. Од овие причини, западноевропските земји и натаму се потпираат на НАТО а во меѓувреме, поради севкупната состојба преку океанот, Европејците се задолжени да понесат поголем дел од товарот на воена заштита во рамките на Алијансата преку наметнато зголемување на воени издатоци од буџетот за воени цели проследено со купување оружје произведено во САД.

Што се однесува до придобивките, за нив е особено тешко да се говори имајќи предвид дека реализацијата на едно вакво сценарио е прилично далеку во иднината. Историски гледано, Западна Европа ја уживаше заштитата на САД во текот на Студената војна и после распадот на СССР, а нејзините државници немаа на ум милитаризација во или вон рамките НАТО во текот на овој долг период. Европа, чии најголеми земји во просек имаат популација постара дури од онаа на САД, е стар континент и затоа нејзината милитаризација, особено надвор од рамките на НАТО изгледа како прилично сложено сценарио, заклучува Шкријељ.

Свое видување и кратка анализа што не очекува во новата година ни кажа и Милан Стефановски, политиколог и воено- безбедносен аналитичар. Според него, војната во Украина ќе продожи да биде во фокусот на светската јавност. Тврди дека ќе продолжат напорите на дипломатијата на САД во обид да се постигне мир во Европа.

Милан Стефановски – Фото: Јутјуб/Принтскрин/Алфа ТВ

-Тенденцијата на конфликти на потенцијални кризни точки ќе биде високо на дневниот ред, посебно на Блискиот Исток и Тајван. Западниот Балкан останува потенцијално место на можни политичка нестабилност заради политичката неизвесност во Република Српска и Косово. Според мене 2026 година ќе ја обележи мировниот план кој ќе стави крај на конфликтот помеѓу Украина и Русија, но ќе биде и година на засилени тензии помеѓу Кина, САД и прашањето за Тајван, истакнува Стефановски во изјава за „Локално“.

Оценува дека ЕУ сериозно ќе навлезе во ритам на политички кризи и промена на надворешната политика во однос на САД и Русија.

-Многу тешко ќе оди формирање на Армија на ЕУ заради неусогласеноста на земјите како Унгарија, Чешка и Словачка…, објаснува Стефановски.

Анкетата „крајот на годината“ (End-of-Year – EOY) претставува најдолготрајната континуирана глобална студија за јавното мислење во светот и годинава открива изразено поделена глобална перспектива кај населението во пресрет на 2026 година. Спроведувана континуирано на годишно ниво од 1977 година, студијата „Крајот на годината“ ја реализира Меѓународната асоцијација „Галуп“ (Gallup International Association – GIA), светска мрежа на професионални и независни агенции за истражување на јавното мислење кои дејствуваат на сите континенти.

Како што покажуваат резултатите, светот што влегува во 2026 година е длабоко поделен: растечките и земјите во развој во рамки на „Глобалниот Југ“ задржуваат релативно високо ниво на оптимизам, додека развиените Западни економии — како и повозрасните генерации на граѓани низ различни региони изразуваат растечка загриженост, особено во однос на економските перспективи и глобалниот мир. На глобално ниво, 37% од испитаниците сметаат дека 2026 година ќе биде подобра од 2025 година, додека 25% очекуваат да биде полоша, а 31% не предвидуваат значајни промени. Врз основа на овие резултати се добива нето скор за надеж од +12, што покажува дека оптимизмот и натаму преовладува над песимизмот, глобално.

Најновото истражување на јавното мислење открива дека граѓаните на Македонија влегуваат во 2026 година со изразена воздржаност и поделени ставови во однос на личната благосостојба, економијата и глобалната стабилност. Во однос на глобалната безбедност и мирот во светот, доминира мислењето дека нема да има големи промени. Дури 42% сметаат дека светот ќе остане ист како и досега. Сепак, стравот од нови конфликти е присутен, бидејќи 28% очекуваат „понемирна“ година, што е за нијанса повеќе од оние 27% кои се надеваат на помирна глобална ситуација.

Н.П.

Слични содржини