ДУИ за осветувањето на полициските возила: Државата е заштитена со закон и Устав, а не со осветената вода на свештеникот

ДУИ реагира на верските обреди на паркингот на МВР: „Отворено кршење на секуларната држава“

од Nikola Popovski
154 прегледи Фото: Фејсбук

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и остро реагира на фотографиите објавени од паркингот на Министерството за внатрешни работи, на кои се гледа осветување на новите службени полициски возила. Според партијата, ова не е „традиција“, туку, како што велат, јасно кршење на принципот на секуларна држава.

-Обредот не е извршен во приватен простор или верски објект, туку во полицискиот двор, на службени државни возила, во рамките на институција за јавна безбедност. Таквото дејствие е целосно неприфатливо во држава која е секуларна по Устав и со мултиетничка и мултиконфесионална реалност.

Полицијата на Република Северна Македонија е државна институција која мора да им служи на сите граѓани подеднакво, без оглед на етничката припадност и верата. Таа не припаѓа на ниедна религија и не смее да создаде перцепција дека постои доминантна религија или „официјална религија“ во рамките на државните институции, посочуваат од ДУИ.

Според партијата, кога државните простори и средства се користат за ритуали само од една вера, пораката до другите е исклучувачка и опасна: дека јавните институции се идентификуваат со една религија, потценувајќи ги и исклучувајќи ги другите.

-Ова не е невина симболика, ова е институционализација на религијата и директно кршење на Уставот. Особено е навредливо што овие возила се купени со парите на сите даночни обврзници и ќе ги користат полицајци од различни вери. Никој нема право да ги „обележува“ јавните институции со симболиката на една вера. Државата е заштитена со закон и Устав, а не со осветената вода на свештеникот, потенцираат од партијата на Али Ахмети.

ДУИ бара итно јавно разјаснување кој го одобрил обредот, врз која законска основа и за која цел и исто така бара институционална одговорност за секој функционер кој дозволил или не спречил користење на државни простори и средства за верски ритуали.

-Јасна порака и за ВЛЕН: наместо да креваат бучава со статуси на социјалните мрежи и изјави за медиумите, нека го покажат својот капацитет таму каде што е потребно, во институциите, со конкретни акции и спречување на дискриминаторски практики. Кога етничката и конфесионалната рамноправност се нарушува во државните институции, а реакцијата останува само виртуелна, ова е доказ за реална неспособност и тивко прифаќање на оваа ситуација.

ДУИ ја почитува слободата на верување и религиозно изразување на секој поединец, но слободата на верување не значи узурпирање на државните институции. Полицијата треба да им припаѓа на сите, а не на еден етникум, а не на една религија, кршејќи го Уставот, стои во партиското соопштение од „Мала Речица“.

Министерството за внатрешни работи отвори истрага по фотографиите што се појавија на социјалните мрежи, на кои се гледа свештеник како врши верски обред и осветување на службени полициски возила во кругот на Министерството. Од МВР информираат дека Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди презема активности за целосно утврдување на околностите и дека јавноста ќе биде дополнително информирана по завршување на постапката.