Грипот зема замав – заболени се 618 деца

Во првата недела од 2026, во Македонија се пријавени 1725 случаи на заболени од грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела

од Nikola Popovski
26 прегледи

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска информира дека во текот на првата недела од 2026 година, во Македонија се пријавени 1725 случаи на заболени од грип или слични на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела.

Во однос на возраста, 749 лица се на возраст помеѓу 15 и 64 години, 618 се деца на возраст од 5 до 14 години, 229 се деца на возраст помеѓу 0 и 4 години и 129 лица се на возраст над 65 години. Од случаите, најмногу се регистрирани во Скопје, Тетово, Куманово…

-Општите мерки како и досега се: оние кои што не се заболени да избегнуваат некакви собири или да претставуваат во простории со голем број на луѓе, да се избегнуваат контакт со лица кои се заболени или ќе пројават симптоми на кивање или кашлање, често да се мијат раце, да се проветруваат просториите, пиење течности, лесна храна, витамини, минерали…, рече Андоновска во изјава за медиумите.

Директорката истакна дека заболените треба да останат дома и да се јават кај својот матичен лекар, доколку се докажат симптомите.

-Да не се оди на работа, да не се носат децата во училиште кои имаат симптоми на грип. Ова е важно за да не ги изложуваме децата и возрасните. Многу е важно ако се пројават симптоми, да се остане дома, апелира Андоновска и додаде дека се очекува пикот на грипот да стартува кога ќе заврши зимскиот распуст на учениците и кога ќе започне второто училишно полугодие.