Нови дилеми и поделби на политичката сцена во земјава откако премиерот Христијан Мицкоски најави свикување лидерска средба, при што една од темите на разговор ќе биде укинување на Пржинската (техничка) влада. Остро и на прва, лидерот на СДСМ, Венко Филипче одби да присуствува на лидерската средба. „Со криминалци кои се обидуваат да узурпираат сè и да се спасат себе си, нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност“, вели предводникот на социјалдемократите, со тврдење дека „Пржино“ мора да остане, иако претходно и неговата партија бараше укинување.
„Изборите не ни се приоритет“, реплицира Мицкоски, додавајќи дека СДСМ со постапките покажува незрелост и тонење во опозициското политичко мочуриште. „Законот за влада можеме и сами да го смениме, но сакавме инклузивност и разговор и за реформските закони“, потенцира претседателот на Владата.
Лидерската средба се планира за следната среда. Парламентарните партии ја очекуваат поканата, по што ќе заземат став за средбата. Покрај укинувањето на техничката влада, приоритетни и за разговор се низа закони од правосудството, кои се во делот на реформите.
Дали треба да се укине „раководното тело“ што се формира 100 дена пред парламентарни избори?
Дел од јавноста е поделена околу ваквиот предлог. За политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, самиот формат на Пржинска влада е фарсичен, и асоцира на нестабилност и нефункционална држава. Тој оценува дека и владиниот партнер ВЛЕН го поддржува ваквиот став на премиерот.
-Контролен механизам при избори е секогаш ДИК кој е раководен опозициски, а тука е и ДКСК и други институции кои треба да функционираат непристрасно и функционално. Секако и седмата сила, новинарството. Вие да немате премиер со мандат три пол месеци, и да ја закочите државата во функционирање скоро пола година, нема логика. Техничка Влада е нешто што е надминато. За избори треба 30-45 дена и истите ги распишува актуелна влада со легитимитет, се додека не се конституира нова, вели Ристевски за „Локално“.

Александар Ристевски/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Откако од СДСМ повторно излегоа со обвинувања до актуелната власт за моментот на активирање на идејата за укинување, соговорникот вели дека „СДСМ веќе одамна е политички субјект кој не се сфаќа сериозно, кој се повеќе тоне секој ден, и со своите постапки, но и со наративот кој го има“.
-На актуелната Влада дефинитивно не ѝ требаат избори, но ова е нешто кое треба да се реши со време, за да не биде на дневен ред за две години кога реално и ќе треба да има избори. Добро е што некои прашања сега се потегнуваат за да не се прават нештата 5 до 12, знаејќи дека никакви пак промени и не се прават минимум 6 месеци пред избори. Така да, право време е, по многу основи, смета Ристевски.
Аналитичарот е дециден дека Техничка влада е камен за сопнување и форма на општествен застој, со измислено контрони функции, со премиер без мандат, со три плус два министри во самата влада, кои повеќе ќе опструираат отколку работат и соработуваат, како и фактот дека повеќе го нема времето на блокови на две големи партии.
-Како ќе се одлучи кој би ја претставувал опозцијата во Влада? Кој вели дека СДСМ ќе треба да биде тоа? А ДУИ и Левица како би биле застапени на пример? Контролни механизми треба да се бараат во иституциите на системот, во ДИК, ДКСК, инспекторатите, АЕК, но и медиумите. Треба да учиме од минатото, а не да живееме во истото, анализира Ристевски.
Од друга страна, професорот и аналитичар на политичките состојби во Македонија, Башким Селмани вели дека во моментов не е прифатливо укинување на „Пржино“ и тоа го образложува со неколку податоци. Според него, Техничката влада може да се укине како концепт, но не и во овој политички момент. Смета дека прашањето не е дали Техничката влада постои како идеја, туку дали сегашните околности дозволуваат нејзино укинување без сериозни последици по демократијата.
-Постои ризик од апсолутна власт. Во актуелниот контекст, ВМРО-ДПМНЕ тежнее кон целосна концентрација на извршната и институционалната власт. Техничката влада е последната институционална пречка за апсолутна и неконтролирана власт. Нејзиното укинување во овој период би создало опасна политичка асиметрија, особено во предизборен контекст, оценува Селмани во разговор за „Локално“.

Башким Селмани/Фото: Принтскрин
Професорот истакнува дека Техничката влада е единствената точка што ги обедини и натера политичките субјекти да си веруваат меѓусебно. Според него, таа претставува минимален механизам на доверба, во услови кога институционалната доверба е кревка.
-Отстранувањето на овој механизам без негова замена значи продлабочување на политичката недоверба. Техничката влада е производ на компромис постигнат со посредство на меѓународните фактори. Затоа, секоја одлука за нејзино укинување мора да се донесе со консултација и согласност на меѓународната заедница, а не еднострано, бара соговорникот.
Селмани анализира дека проблемите во државата не произлегуваат од постоењето на техничката влада, туку од заробени институции, слаб парламентарен надзор, политизирана администрација, недоволно независно судство и медиуми.
„Додека овие прашања не се решат, укинувањето на техничката влада претставува ризик, а не реформа. Техничката влада не е идеално решение, но е неопходна сè додека не изградиме институции кои функционираат без партиски притисок.Укинувањето не смее да биде партиски интерес, не смее да овозможи апсолутна власт и мора да биде резултат на политички консензус, и со јасна поддршка од меѓународните партнери.
„Техничката влада може да се укине, но само тогаш кога власта нема да ги контролира изборите, а опозицијата нема да се плаши од власта“, укажува професорот и аналитичар.
Од поголемите партии, единствено јавно се огласија од Левица. Велат дека се за укинување на т.н. Пржинска влада и непотребните дополнителни заменици-министри со право на вето, сметајќи дека истата нема смисла и се претвори во алатка за меѓупартиско пазарење.
„Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжува суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензура. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи. За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво“, рекоа, меѓу другото, од таборот на Димитар Апасиев.

Фото: СДСМ
Последната техничка влада, во која заедно учествуваат и власта и опозицијата, пред последните парламетарни избори, беше трета по ред во Македонија. Произлезе од Пржинскиот договор во 2016 година, кога со посредство на меѓународната заедница се донесе договор за излез од тогашната политичка криза поттикната од аферата со масовното прислушување.
Според т.н. Пржински договор, сто дена пред парламентарните избори се воспоставува т.н. преодна влада, која треба да обезбеди фер и демократски избори. Со учество на министри од опозицијата, во таа популарно наречена техничка влада, се очекува да бидат спречени евентуални манипулации на власта, со кои би си обезбедила логистичка предност во изборниот процес. Процедурата за воспоставување на преодната влада, односно официјално влада за спроведување избори, започнува со оставката на претседателот на политичката влада, што, според пропишаното во Уставот, повлекува оставка на целата влада.
Законското решение предвидува преодниот премиер да биде од редовите на владејачката партија, но тоа да не биде личноста што ја предводела политичката влада, така што воведувањето на овој концепт во почетокот на 2016 година предизвика оставка на Никола Груевски од челното место во извршната власт. Од тие причини, во почетокот на 2020 година година оставка поднесе и Зоран Заев, но за разлика од Груевски, тој се врати на премиерската функција во септември истата година.
Во пржинската влада, опозицијата номинира свои кадри за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри за земјоделство, за финансии, како и за информатичко општество и администрација. Владејачката партија поставува дополнителни заменик-министри во внатрешни работи и во труд и социјална политика, каде што опозицијата има министри. Во овие пет ресори, техничките министри и дополнителните заменик-министри, практично, имаат врзани потписи, а споровите меѓу нив ги разрешува Државната изборна комисија, која на тој план имаше доста работа и во 2016 и во 2020 година.
Првата Техничка влада на Македонија се формира пред предвремените избори во 2016 година, а технички премиер беше Емил Димитриев. Втората Техничка влада беше формирана пред предвремените парламентарни избори, а ја предводеше Оливер Спасовски од СДСМ. Третата, на чело со Талат Џафери од ДУИ, имаше мандат до изборот на новата актуелна влада.
Н.П.