Италијанската премиерка Џорџија Мелони денес изјави дека не верува дека САД ќе започнат воена акција во Гренланд, објави италијанскиот економски весник „Il sole venti quatro ore“.
На традиционалната конференција на почетокот на годината, таа рече дека интервенцијата на САД во Гренланд „не би била од корист за никого“ и дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп директно го привлекува вниманието кон стратешката важност на Гренланд за безбедноста на САД.
„Не верувам во можноста САД да започнат воена акција во Гренланд, што не би ја поддржала, тоа не би било од корист за никого. Можноста за интервенција за преземање на контролата врз Гренланд е исклучена од (државниот секретар) Рубио и самиот Доналд Трамп“, рече Мелони.
Таа додаде дека верува оти администрацијата на Трамп сака да користи „многу асертивни методи“ за да го привлече вниманието кон стратешката важност на Гренланд за интересите и безбедноста на САД.
„Тоа е област каде што дејствуваат многу странски актери и верувам дека пораката од САД е дека нема да прифатат прекумерно мешање од странски актери“, рече Мелони.
Додаде дека Италија ќе изготви своја сопствена арктичка стратегија: „До крајот на овој месец, Министерството за надворешни работи ќе ја презентира италијанската арктичка стратегија. Ние го правиме својот дел.“