Имајќи ја предвид актуелната политичка состојба во Бугарија и последните сигнали поврзани со Акцискиот план за малцинства, позитивна промена во ставот на официјална Софија кон нашите евроинтеграции не изгледа реално сценарио. Од една страна Македонија не е приоритет како Украина поради руската агресија (а Молдавија оди во пакет), од друга страна и самите не се залагаме и не лобираме доволно (добро). На ЕУ и требаат позитивни приказни во проширувањето – вели во интервју за „Локално“ Ана Крстиновска, Претседателка на ЕСТИМА, експерт за меѓународни односи.
2026 та ја почнавме со преписка на релација Софија-Скопје, и годинава пред нас е „билатерниот спор“ со Бугарија. Од друга страна во Брисел се очекува да почне дебатата за т.н „квалификувано “ мнозинство за гласање за почеток на пристапните преговори. Дали годинава можеме да очекуваме некоја промена во позицијата на државата во однос на ЕУ интеграцијата?
-Без некакво придвижување во поглед на билатералниот спор со Софија не можеме да очекуваме напредок во евроинтеграциите 2026та година. А имајќи ја предвид актуелната политичка состојба во Бугарија и последните сигнали поврзани со Акцискиот план за малцинства, позитивна промена во ставот кон нашите евроинтеграции не изгледа реално сценарио. Истовремено, на ниво на ЕУ каде што се очекува да започне дискусија за внатрешни реформи, вклучително и во правилата за гласање во Советот на министри – од едногласност кон некакво (квалификувано или супер) мнозинство со што би се избегнало само една држава да блокира – гледаме недостиг на политичка воља. Комисијата требаше да излезе со предлог уште пред неколку месеци, но истиот е одложен за оваа пролет, што значи дека и таа можност или излезно сценарио за нас е тешко остварливо на краток рок.
Владата останува на ставот дека најголем дел од чекорите што требаше да се завршат до крајот на декември се завршени, а останатото, како обврска со Планот за раст на Западен Балкан ќе го затвореиме наскоро. “Оставаме на самата Европска унија дали ќе дозволи да биде заложник на билатерализација или објективно ќе ги гледа постигнувањата на земјите кои се кандидати за членство“ – рече премиерот . Дали навистина е на потег ЕУ ?
-Не можеме да зборуваме за ЕУ како за еден унитарен чинител. Сите институции, како Европската Комисија и Парламентот, како и повеќето држави членки одамна оценуваат дека она што ни се случува, билатералната блокада е неправедна и дека, и покрај тоа, во голема мера следиме чекор со реформите и усогласувањето коишто се предуслов за членство. Ниеден чинител во ЕУ нема моќ или механизам да помогне да се реши билатерален спор меѓу држава членка и кандидат за членство, што им остава простор на поединечни членки да го користат проширувањето и сопственото право на вето за да постигнат билатерални цели или да вршат притисок во билатералните спорови. Во такви услови единствена опција е ние како држава да продолжиме со усогласувањето и реформите водени од мотивацијата дека тие се во корист на Македонија и граѓаните. Она што ЕУ може и треба да направи е да обезбеди креативни решенија реформите да продолжат и ние да добиваме поддршка за нивна реализација исто како да сме во процесот на преговори. Тоа го направи Комисијата со неформална согласност од повеќето држави членки минатиот месец во случајот на Украина која е блокирана од Унгарија и за Молдавија. Иако не е одржливо решение кое обезбедува формално и политички напредок кон членство, коректно и фер би било истото да ни биде понудено и нас.
Додека Албанија ги отвора и затвора преговарачките поглавја со ЕУ, за Молдавија и Украина укинат роамниг за ЕУ, Бугарија стана дел од Еврозоната, во Македонија расте опасноста од евроскептицизам, општеството се поларизира. Дали препознаваме „активна “дипломатија за решение со Софија и зошто нема „политичка“ одлука и за Македонија?
-Од една страна Македонија не е приоритет како Украина поради руската агресија (а Молдавија оди во пакет), од друга страна и самите не се залагаме и не лобираме доволно (добро). На ЕУ и требаат позитивни приказни во проширувањето кои ќе може да ги обезбеди на релативно краток рок и со малку напор (како Црна Гора), што не е случај со нас. Решавањето на спорот со Бугарија е тешко за секој што дипломатски би се зафатил да посредува и, ако судиме по тоа како се решаваше спорот со Грција, сигурно ќе одземе многу време и енергија. Како што видовме од досегашните обиди да посредува претходно со Грција и сега со Бугарија, самата ЕУ нема капацитет за тоа. Во случајот со Грција имавме активно вклучување на САД, што сега тешко може да се очекува. Од друга страна, самиот исход во овој момент се чини многу неизвесен, не само поради немањето политичка воља за компромис во Бугарија во моментот, туку и поради чувствителноста на прашањата кои се третираат и кај нас.
Кај нас дома веќе доминира нарацијата дека ЕУ ни должи Нам а ние повеќе нема што и зошто да “отстапуваме“. Колку сегашниот политички однос на ЕУ уште повеќе може да го зајакне евроскептизизмот во земјава?
-И покрај целата фрустрација со блокадите во евроинтегративниот процес во последните 20 години, кај нас сè уште има релативно висока поддршка за членство во ЕУ. Тоа се должи на огромната општествена поврзаност со ЕУ во секоја област која и натаму ќе продолжи и која не зависи од членството, препознавањето дека усогласувањето со стандардите на ЕУ е пред сè во наш интерес како граѓани бидејќи води кон подобрување на демократските капацитети, владеењето на правото и доброто управување во различни области како животна средина, заштита на потрошувачи, безбедност на храна и сл, како и разбирањето дека како држава економски во голема мера сме зависни од ЕУ. Секако дека она што ни се случува како држава е неправедно и влијае врз зајакнување на евроскептицизмот и разочарувањето. Но, треба да се водиме од некое рационално перцепирање на ситуацијата, што можеме да добиеме, што не можеме и што треба да правиме – пред сè кога зборуваме за политичките елити во државата и оние кои креираат јавно мислење. Иако имаме право да бидеме незадоволни, емоционален или морализаторски пристап кон „ЕУ“ нема да ни помогне, напротив – само дополнително ќе ни ги намали изгледите за дипломатски успех.
2030 та како таргет за ново проширување на ЕУ – далечна но и блиска година. Дел од земјите од Западен Балкан добија јасни сигнали и се во процес на пристапни преговори – каде е Македонија?
-Прозорецот за проширување на ЕУ, ако можеме да зборуваме на овој начин, е во овие неколку години и зависи од три главни фактори – успехот во пристапниот процес на државите кандидати, внатрешните реформи во ЕУ и јавното мислење во државите членки каде што треба да се ратификуваат пристапните договори. Ако во значителна мера се исполнат тие услови, можеби 1-2 држави членки да се приклучат кон ЕУ до 2030 година. Понатаму изгледите ќе се намалуваат зашто ќе биде потешко да се реформира ЕУ со поголем број членки и ќе се зголемуваат ризиците поврзани со поддршка за проширувањето во државите членки поради растечкиот успех на крајно-десничарските движења во држави како Франција, Германија, но и други. Најдобри изгледи имаат Црна Гора, Албанија и Молдавија, а за нас тоа ќе биде можно само ако постигнеме некакво решение со Бугарија. Во таа смисла, временскиот прозорец за делување и за одржување чекор се намалува.
Д.А.