Николоски: За некои политички структури во Бугарија, ние сме секогаш тема за привлекување гласачи

„Во моментов имаме три сериозни партнери - САД, Велика Британија и Европската Унија и удирањето по нив ги удира темелите на Македонија“, вели Николоски

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

За некои политички структури во Бугарија, Македонија е секогаш интересна тема за привлекување гласачи, но со отворање дебата за Македонија, тие само ги влошуваат односите, вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски по ставовите од Софија поради неодамнешниот инцидент со кршењето на прозорците на вратите на влезот од Бугарската амбасада.

Николовски, запрашан за односите со Бугарија, во вестите на Тв Сител рече дека Владата немала среќа во Бугарија подолг период да има политичка стабилност.

„Оваа влада што сега падна беше најдолготрајна – траеше 11 месеци и во тие месеци успеавме да се договориме за Коридорот 8, на што сум особено горд. Сега повторно влегуваат во избори, во кампањата и за одредени политички структури таму, Македонија е секогаш интересна тема за привлекување гласачи, но мислам дека грешат бидејќи на секои следни избори излезноста е помала, што значи дека оваа тема не е она што го очекуваат граѓаните. Причината зошто падна оваа Влада е зголемувањето на даноците за пензии и дивиденди, што значи дека граѓаните реагираат на економијата и буџетот, а не на односите со Македонија. Со отворањето дебата за Македонија, тие само ги заоструваат односите“, рече Николоски.

Тој го осуди неодамнешниот инцидент пред Бугарската амбасада и е задоволен што Министерството за внатрешни работи брзо и ефикасно го решило случајот.

Во врска со прашањето за мигрантите, Николоски тврди дека времето ја демантираше оваа теза, имено дека нема ниту м од мигранти.

„Оваа теза првпат се појави кога се одржа првата средба меѓу премиерот Мицкоски и премиерот Стармер. Тоа беше во мај, сега е јануари, нема м од мигранти. СДСМ се обиде да ја рециклира темата во ноември. Такво нешто не постои. Но, тука има многу сериозно прашање – без разлика колку некој сака да го задржи своето место во политичка партија и колку е слаба политичката партија во одреден момент, темелите на државноста не треба да се удираат. Во моментов имаме три сериозни партнери – САД, Велика Британија и Европската Унија. Удирањето по овие три партнери ги удира темелите на Македонија, а скоро имавме удар и на првиот и на вториот партнер. Интелектуалците многу блиски до СДСМ сериозно удираа врз претседателот Трамп и САД, додека претседателот на СДСМ лично ја удираше Велика Британија. Која е алтернативата за него – Северна Кореја, Русија, Кина?“. Треба да знаеме што не е проблем бидејќи овој начин на однесување ги руши позициите на Македонија, праша Николоски.