Министерот за економија, Бесар Дурмиши засега не гледа причина за реакција во однос на цените на храната. Вели дека во декември цените биле намалени за 0,4 проценти.
-Доколку има енормно зголемување на цените, ќе реагираме и ќе се преземат мерки, кажа министерот како одговор на новинарски прашања.
Тој денеска изјави дека во моментот не гледа причина за некакво ограничување на профитната бруто-маржа или ограничување на цените.
-Засега не гледаме причина да преземаме некакво ограничување на профитната маржа или ограничување на цените. Секојдневно ја следиме ситуацијата, во комуникација сме со претставниците од Државниот пазарен инспекторат и ако има потреба ќе реагираме, но во месец декеври цените во делот на храната и пијалоците се намалени за 0,4 проценти. Убеден сум дека овој тренд ќе продолжи и оваа година, изјави Дурмиши.
Живејачката на годишно ниво за 2025 поскапа за 4,1%, а цените на мало пораснале за 3,6%, измери Државната статистика. Инфлацијата, пак, во декември лани, во однос на ноември 2025 е повисока за 0,4%. Во декември 2025 година, во однос на ноември истата година, намалување на трошоците на животот е забележано кај храната и безалкохолните пијалаци за 0.4% и кај облеката и обувките за 0.2%.