Засега нема продолжување на зимскиот распуст, иако пикот на грипот се очекува на крајот на месецов

-Се забележува дека има зголемување на бројот на хоспитализирани и кај возрасните и кај децата и тоа е очекувано за овој период од годината и не се целосно исполнети капацитети на болниците, рече д-р Кочински од Инфективната клиника

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/МИА

Грипот коси во земјава. Амбулантите се преполни, но и болничките кревети. По вчерашната информација дека 75-годишна жена е првата жртва, од Инфективната болница информираа дека на клиниката има хоспитализирано пациенти со полесна и потешка клиничка слика.

-Од 5 до 11 јануари регистрирани се 2.322 заболени од грип, што е за 34,6 проценти повеќе во однос на претходната недела. Има средна активност на вирусот на грип на национално ниво. Има зголемен број заболени, но тоа е очекувано за овој период од годината. Очекуваме бројките и во наредниот период да растат и да се движат во овој ранг. Пикот на грипот се очекува на крајот на месецов до средината на февруари. Оваа сезона растот на бројот на заболени почна неколку недели порано од очекуваното, изјави денеска раководителот на одделот за Епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Драган Кочински.

Тој рече дека со оглед на тоа што има средна активност на грипот, тоа засега не дава можност да даваме некакви претерани мерки кои би зафаќале граѓаните, нешто како продолжување на зимскиот распуст.

– Доколку има каква било промена ќе апелираме и ќе дадеме соодветни мерки. Се забележува дека има зголемување на бројот на хоспитализирани и кај возрасните и кај децата и тоа е очекувано за овој период од годината и не се целосно исполнети капацитети на болниците. Комисијата за заразни болести во текот на вчерашниот ден заседаваше и ќе излезе со соодветни препораки. Се препорачува при посета во болница ако таа не е забранета, посетителите да носат маски, рече д-р Кочински.