Трамп: Пречка за постигнување договор е Зеленски, а не Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека потенцијалниот мировен договор меѓу Русија и Украина го кочи Киев, а не Москва, што е во остра спротивност со реториката на европските сојузници, кои упорно тврдат дека Кремљ нема интерес да ја заврши војната.

од desk4
13 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Володимир Зеленски

Во интервју за Ројтерс, Трамп рече дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ја заврши речиси четиригодишната инвазија врз Украина, додека украинскиот лидер Володимир Зеленски покажува поголема воздржаност, пренесе N1info.rs.

„Мислам дека (Путин) е подготвен да склучи договор. Мислам дека Украина е помалку подготвена да склучи договор“, изјави Трамп.

На прашањето зошто преговорите со посредство на САД сè уште не довеле до крај на најголемиот копнен конфликт во Европа по Втората светска војна, Трамп одговори со еден збор: „Зеленски“.

Коментарите на Трамп сугерираат дека тој повторно е незадоволен од однесувањето на Зеленски, со кого подолго време има нестабилен однос, иако се чини дека нивните интеракции се подобриле во текот на 2025 година.

Трамп повремено бил подготвен да ги прифати уверувањата на Путин без поголема резерва отколку лидерите на некои американски сојузници, што предизвикало фрустрации во Киев, во европските земји и меѓу пратениците во американскиот Конгрес, вклучително и кај дел од републиканците.

Агенцијата Ројтерс потсетува дека во декември извести дека американските разузнавачки служби и натаму предупредуваат дека Путин не се откажал од целта да ја освои цела Украина и повторно да воспостави контрола врз делови од Европа кои некогаш припаѓале на Советскиот Сојуз. Директорката на Националната разузнавачка служба на САД, Тулси Габард, тогаш ги оспори тие наводи.

Во фокусот на преговорите со посредство на САД во последните недели се безбедносните гаранции за повоената Украина, со цел да се осигури дека Русија нема повторно да ја нападне по склучувањето на мировен договор. Начелно, американските преговарачи вршеле притисок врз Украина да се откаже од својот источен регион Донбас за да се постигне договор со Русија.

Зеленски јавно ја исклучи можноста за какви било територијални отстапки кон Русија, истакнувајќи дека Киев, согласно Уставот, нема право да се откаже од ниту еден дел од украинската територија.