Информацијата ја објави весникот The Globe and Mail, повикувајќи се на двајца неименувани високи владини извори.
Според наводите, канадскиот модел е насочен кон тактики на герилско војување, слични на оние што ги користеле борците во Авганистан против советските, а подоцна и американските сили. Истите извори оценуваат дека е малку веројатно Трамп навистина да нареди воена акција против Канада.
По изборите во 2024 година и во првите месеци од новиот мандат, Трамп во повеќе наврати ја нарекуваше Канада „51. држава“, тврдејќи дека евентуалното спојување би било корисно за земјата. Иако ваквите изјави подоцна се проретчија, неодамна на социјалните мрежи се појави карта на која Канада е прикажана покриена со американското знаме.
Во сценарио на инвазија, проценките се дека американските сили би ги надвладеале канадските позиции на копно и море за само неколку дена. Поради ограничените воени капацитети, одбраната на Канада би се темелела на герилска кампања, со заседи и тактики „удри и бегај“.
Весникот наведува дека станува збор за концептуален и теоретски модел, а не за оперативен воен план со конкретни чекори за изведување на операции. Канадската војска засега не го коментирала извештајот.
Се очекува дека евентуална инвазија би била најавена со јасни сигнали, како прекин на билатералната соработка во рамки на NORAD. Во таков случај, Канада би побарала поддршка од Велика Британија и Франција.
Во меѓувреме, и Трамп и канадскиот премиер Марк Карни учествуваат на Светскиот економски форум во Давос. Годишниот собир е засенет и од изјавите на Трамп за преземање на Гренланд, што дополнително ги става на тест односите во рамки на НАТО, чија членка е и Канада. Според информации, Карни размислува за испраќање симболичен број канадски војници на Гренланд, како знак на поддршка за данската територија.