Мицкоски од Давос: Македонија да премине од набљудувач во активен фактор во енергетиката

Премиерот Христијан Мицкоски денеска настапи на енергетски панел во рамки на Светски економски форум во Давос, каде што учествуваше заедно со американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.

од desk4
23 прегледи

Тој оцени дека денот бил исполнет со значајни и продуктивни средби со мултинационални компании од секторите енергетика, здравство и висока технологија.

„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија, нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, изјави Мицкоски во видео-обраќање по настаните.

Како клучен дел од агендата го издвојува панелот со претставници на водечки светски енергетски компании, на кој, како што посочи, се разговарало за идните трендови и развојни планови во секторот, со посебен акцент на производството на електрична енергија. Премиерот притоа потенцираше три суштински заклучоци од дискусијата.

Прво, побарувачката на електрична енергија во наредниот период ќе расте два и пол пати побрзо од вкупната глобална побарувачка за енергија. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача Мицкоски, нагласувајќи ја потребата од повторно активирање на стратешките проекти Чебрен, Галиште и Бошков Мост.

Вториот заклучок, според него, е дека во следните десет години светот ќе мора да изгради производствени капацитети од околу 40.000 терават-часови електрична енергија што е 5.500 пати повеќе од вкупната годишна потрошувачка на Македонија и приближно еднакво на потрошувачката на САД, Канада, Европската Унија и Јапонија заедно. Како главна причина за овој раст тој ја наведе експанзијата на вештачката интелигенција и дата-центрите, кои функционираат исклучиво на електрична енергија.

Третата поента, како што истакна премиерот, е потребата Македонија да ја диверзифицира својата економија. Наместо доминантен фокус на автомобилската индустрија, земјата, според него, треба да изгради позиција на релевантен играч во енергетскиот сектор, користејќи ги сопствените ресурси и потенцијали за обновливи извори на енергија.

„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави Мицкоски, додавајќи дека ваквиот пристап може да донесе долгорочен економски раст и енергетска стабилност.