Во најава „лов“ на работници на црно – ќе се прочистува евиденцијата на невработени !

„Ваквата операција нема да биде лесна за оние на пример кои работат на црно на своја рака, не кај газда“ – вели за „Локално“ универзитетскиот професор Ванчо Узунов

од Vladimir Zorba
38 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Телма

Преку законски измени Владата најави „чистење“ на списоците на невработени. Според првичните анализи, оваа мерка треба да биде дел од фронтот за борба против сивата економија и треба да ја намали стапката на невработеност, однос да придонесе кон создавање на реални слика за бројот на невработени. Според дел од експертите што ги консултираше „Локално“, ваквата најава практично значи почеток на „лов“ на работници на црно кои сега се дел од официјалната статистика на невработени.

Фото: Фејсбук/Принскрин/СителТВ

„Според мене, она што можам логично да го препознаам е најавата дека ќе има контроли и казни за газдите, односно фирмите во кои има вработени на „црно“. За жал се уште има фирми кои даваат плата во плико, без да се платат придонеси, што автоматски значи зона на сива економија. Оттука, мислам дека владата ќе почне „потрага“ по работници на црно, но за ова ќе треба умешност и волја. Ваквата операција нема да биде лесна за оние на пример кои работат на црно на своја рака, не кај газда“ – вели за „Локално“ универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Според најавите од премиерот Христијан Мицкоски, Владата подготвува законски измени со кои ќе се отвори патот за бришење на оние невработени кои во официјалните евиденции се водата како невработени а од друга страна, фактички, се активни на пазарот, пред се како дел од сивата економија.

„Со новите законски измени дел од барателите на работа ќе бидат избришани бидејќи тие веќе се на некој начин присутни во полуформалната и неформалната економија, така што очекувам за прв пат да имаме едноцифрен процент на невработеност а тое е дел од реформската агенда “ – изјави премиерот Мицкоски.

Останува да се види кои ќе бидат критериумите за бришење на невработените, како ќе се „ловат“ оние кои се дел од неформалната економија и како ќе се докажува тоа.

Што покажуваат податоците за невработеноста на ниво на државата?

Според последните достапни податоци од Агенцијата за вработување, на ниво на државата се регистрирани 134 338 неврабптени, од нив 91 434 се активни баратели на работа додека 42 904 се пасивни баратели на работа. Според актуелната законска регулатива и двете категории на невработени се сметаат дека се на „пазарот на труд“ , како можна достапна работна сила.

Најавите за „чистка“ во списоците на невработени доаѓаат во исто време кога Владата даде „зелено светло“ за нови 10 000 работни дозволи за странци, што според дел од опозиционерите е директен „атак“ за македонските работници.

Фото: Локално

„Покрај економскиот удар врз домашниот работник, оваа одлука има и геополитичка заднина. Увозот на работници е вовед во поширока операција поврзана со најавите од британските медиуми за масовен прилив на мигранти“ – сметаат од парламентарната партија Левица.

Сличен став и од опозициската СДСМ.

„Пред неколку дена со одлука на Владата на Мицкоски отворена е вратата за влез на 10.000 „економски работници“. Иако во Македонија има околу 100.000 невработени. Пред ова, Владата на Мицкоски го смени и Законот за странци за да го олесни доаѓањето. Ова се поклопува во целост со пишувањето на британските медиуми за „стратешки договор“ согласно кој мигрантите би добиле работни визи во Македонија за работа во различни сектори“ – критикуваат од СДСМ.

Според податоците од АВРМ, лани, од јануари до крајот на годината е регистриран тренд на намалување на бројот и на активни и на пасивни баратели на работа. За разлика од АВРМ, Заводот за статистика е единствена институција која ја мери стапката на невработеност и вработеност на ниво на државата, па така на крајот од третиот квартал од лани, во земјава имало  91 765 невработени или стапката на невработеност од 11,5%.

Д.А.