СДСМ упати критики кон скопската градска администрација и хаосот во сообраќајот по утринскиот снег. Оттаму порачуваат дека градот е парализиран и службите не функционираат.
-Не можат со малку снег да се справат. Сега скопјани треба да чекаат да се стопи снегот по улиците за да се движат нормално.
Нема доволно возила за чистење, ама има за 161 тендер за ортаците на Орце и ВМРО. Дали ова е „Safe city“? Затоа СДСМ инсистира на закон кој, како и сè друго, нема да биде злоупотребен од страна на ВМРО, стои во партиското соопштение.
Граѓани на социјалните мрежи пријавуваат застој на сообраќајот во речиси сите скопски населби. Како најкритични точки се посочуваат мостот Маџари кон Ченто, како и надвозникот од населбата Даме Груев кон Ѓорче Петров, каде возилата со часови стојат во место. Според сведочењата, коловозите се замрзнати, а сообраќајот се одвива исклучително бавно или е целосно блокиран.
Слична е ситуацијата и на обиколницата во Скопје, каде транзитираат голем број возила.
Поради врнежи од снег издадена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на повеќе планински превои низ земјата, како Стража, Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга до граничниот премин „Ќафасан“, информораат од ЈП „Македонија пат“ и од Автомото сојузот (АМСМ). Оттаму апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.