Мицкоски од Давос: „4iG“ ќе инвестира 100 милиони евра за развој во Македонија

Премиерот се сретна со сопственикот на компанијата која ја доби дозволата за трет мобилен оператор

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека на вториот ден од престојот во Давос се сретнал со сопственикот на компанијата „Фор-ај-џи“ (4iG), компанија што ја доби дозволата за трет мобилен оператор во Македонија. Тема на разговорот биле плановите на компанијата.

„Она за што ме информира е дека во следниот период ќе инвестира повеќе од 100 милиони евра во развој на третиот мобилен оператор. Што добиваат граѓаните? Граѓаните добиваат нова компанија, која ќе нуди мобилни услуги и компанија што, сигурен сум, дека ќе влијае позитивно во намалување на цените на услугите што мобилните оператори ги нудат за граѓаните во Македонија“, вели во видео парака премиерот Мицкоски.

Денот, како што нагласува, го продолжиле на панел на кој со светските лидери и претставниците на мултинационални компании разговарале за предизвиците на човештвото во годините што следуваат.

„Еден од најголемите предизвици е вештачката интелигенција. Но таа само по себе не значи ништо отколку само два обични збора. Но, кога ќе влезете во суштината, ќе сфатите дека за вие да создадете општество што во иднина сериозно ќе ја користи вештачката интелигенција, потребни се неколку предуслови, пред сè, сигурна енергетска стабилност и, нормално, развој, бидејќи сите оние дата-центри имаат потреба од струја, односно од електрична енергија и, второ, ни требаат ИТ-инженери, односно ни требаат инженери што ќе ја користат таа вештачка интелигенција за потребите на општеството и потребите на граѓаните“, нагласува премиерот во изјавата.

Се разбира, додава тој, ние како држава не смееме да останеме надвор од овие процеси бидејќи тоа се процесите што ќе го опишат човештвото во годините што следуваат.