Директорот на Nvidia: Сега е одлично време да се биде водоинсталатер

Говорејќи денеска на Светскиот економски форум во Давос, извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, изјави дека актуелниот подем на вештачката интелигенција создава огромна побарувачка за занаетчиски и физички занимања, неопходни за изградба на дата-центри и AI инфраструктура.

од desk4
16 прегледи

„Прекрасно е што овие работни места се поврзани со занаети, ќе ни требаат водоинсталатери, електричари, градежници и работници во челичната индустрија“, рече Хуанг во разговор со извршниот директор на BlackRock, Лери Финк, во Давос, Швајцарија.

„Најголемата инфраструктурна изградба во историјата“

Хуанг го опиша бумот на вештачката интелигенција како „најголемата инфраструктурна изградба во историјата на човештвото“, која, според него, ќе отвори огромен број нови работни места.

Влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот е една од централните теми на овогодинешниот форум во Давос. Хуанг подолг период тврди дека AI нема да биде масовен „уништувач на работни места“, како што често се стравува. Како пример ја наведува радиологијата, иако дел од задачите се автоматизирани, бројот на вработени во таа професија всушност се зголемил.

Сличен став претходно изнесе и Џефри Хинтон, често нарекуван „кум на вештачката интелигенција“, кој смета дека физичката работа е посигурна од автоматизација, бидејќи на AI ќе ѝ треба многу повеќе време да ја развие вештината неопходна за преземање на такви работи.

Платите значително пораснале

Хуанг денеска истакна дека во САД е забележан „значаен раст“ на побарувачката за физички работни места поврзани со изградбата на AI инфраструктура, при што платите во одредени случаи речиси се удвоиле.

„Станува збор за плати со шестцифрени износи за луѓе што градат фабрики за чипови, компјутерски и AI-фабрики, а во исто време се соочуваме со сериозен недостиг од ваков кадар“, рече Хуанг.

Тој додаде дека секој треба да има можност да заработува добро:
„Не мора да имате докторат по компјутерски науки за да успеете.“