Филипче се жали како тетка на чешма, порачаа од партијата на Мицкоски

„Медиумски октоподи“ седум години му служеа на СДСМ како портпароли“, велат од „Белата палата“

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ

По денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче и обвинувањата за координирана и организирана кампања на медиумски линч, зад која, како што рече, стои власта на ВМРО-ДПМНЕ, се огласија од партијата на Христијан Мицкоски. Му порачаа дека „треба да знае дека проблемот не е во медиумите, новинарите, бизнис заедницата, синдикатите кои ги злоупотребува, ниту во ВМРО-ДПМНЕ, туку проблемот на СДСМ е криминалот, корупцијата и нечесните политики на Венко Филипче и менторот Заев, кои ја доведоа СДС на вака ниски гранки“.

„Жална е епизодата кога лидер на некогаш големата СДС, ќе го гледате како се жали како тетка на чешма, за тешката судбина во која тој и менторот од Дубаи, Зоран Заев, сами се доведоа. Кога одговорите на дилемите ќе ги побара во своите редови, тогаш ќе ја сфати и сериозноста на проблемите.

Од тој аспект Венко Филипче е штетен за државата и граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ секогаш се водела од државните и национални интереси.

Наместо факти, Филипче глуми жртва и плаче за „медиумски октоподи“. Тие „октоподи“ седум години му служеа на СДС како портпароли, додека се пљачкаше државата. Денес, кога никој не му ги прикрива лагите, одеднаш сите му се виновни: медиуми, новинари, институции, па дури и реалноста.

Филипче колку повеќе зборува, толку појасно е дека нема ниту факти, ниту политика. Има само паника и обид со врева да се покрие празнината“, стои во ставот од „Белата палата“.

Лидерот на СДСМ денеска презентираше „галерија“ од, според неговите зборови, околу илјада токсични наслови, тврдејќи дека станува збор за систематска хајка насочена кон дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и од темите што опозицијата ги отвора во јавноста.

Филипче рече дека собирањето на ваквите примери било лесно, бидејќи, како што го опиша, тоа е само мал дел од продукцијата на „медиумскиот октопод на ВМРО“. Во ист контекст тврдеше дека во кампањата се вложуваат „милиони евра“ и дека тоа станало секојдневие за СДСМ: „со ова се будиме и со ова заспиваме“, изјави тој, наведувајќи дека станува збор за невистини, лаги, навреди, хајки и линч.