„Нова Газа, тоа може да биде надеж, може да биде дестинација“, изјави Кушнер, кој презеде водечка улога во воспоставувањето преговори за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас.
Тој нагласи дека веќе биле направени „неколку невозможни работи“ во Газа и дека нема причина да не се направат уште повеќе. На почетокот призна дека „мирот е поинаков договор од деловниот договор“, но преку презентација на слајдови во Давос го изложи таканаречениот „мастер-план“ за повторен развој на Газа, посочувајќи дека администрацијата „нема план Б“, освен постепено да се стави крај на војната и да се трансформира регионот.
Кушнер истакна дека голем дел од планот се темели на целосна демилитаризација на Хамас, додавајќи дека САД ќе го спроведат својот дел од договорот за прекин на огнот. „Ако Хамас не се демилитаризира, токму тоа ќе биде пречката што ќе ја спречи Газа и нејзиниот народ да ги остварат своите стремежи“, рече тој.
Тој ги повика присутните да го остават на страна скептицизмот и ривалствата во рамките на таканаречениот Одбор за мир, повикувајќи ги „да се смират 30 дена“ и да се обидат да работат заедно. „Нашата цел е мир меѓу Израел и палестинскиот народ“, нагласи Кушнер.
Американскиот претседател Доналд Трамп исто така се обрати во Давос, нарекувајќи ја Газа „прекрасно парче земја“ и порачувајќи дека луѓето таму „ќе живеат многу добро“. Тој им се заблагодари на Кушнер и на американскиот специјален пратеник за Западна Азија Стив Виткоф за нивната улога во преговорите и изработката на планот за развој на Газа, пренесе Sky News.
„Во срцето сум човек од областа на недвижностите и сè се сведува на локацијата. Погледнете ја оваа локација на море, ова прекрасно парче земја и што може да значи за толку многу луѓе“, изјави Трамп. Тој додаде дека сегашните жители, кои живеат во лоши услови, во иднина ќе живеат значително подобро, истакнувајќи ја „визијајата“ и уникатната положба на територијата.
Трамп потсети дека на 16 јануари објавил оти официјално започнала нова фаза од мировниот план за Газа од 20 точки, наведувајќи дека од воспоставувањето на примирјето неговиот тим помогнал во испорака на „рекордни количини хуманитарна помош“, признати и од Обединети нации.
Како претседател на Одборот за мир, Трамп ја поддржа и новоформираната палестинска технократска влада, Националниот комитет за управување со Газа, кој, со поддршка на висок претставник на Одборот, треба да управува со територијата во транзицискиот период. Тој нагласи дека, со поддршка од Египет, Турција и Катар, ќе биде обезбеден сеопфатен договор за демилитаризација на Хамас, вклучувајќи предавање на оружјето и демонтажа на сите тунели.
Високиот функционер на Хамас Тахер ал-Нуну ја поздрави американската објава за почеток на втората фаза од договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, истакнувајќи ја потребата од повторно отворање на преминот Рафа за хуманитарна помош и повлекување на израелските сили.
Првата фаза од договорот за Газа започна на 10 октомври 2025 година со размена на израелски заробеници за приведени Палестинци и повлекување на израелската војска на таканаречената Жолта линија.