ICE приведе петгодишно дете во Минесота, случајот предизвика шок во јавноста

Американската Служба за имиграција и царина ICE приведе петгодишно момче од сојузната држава Минесота додека се враќало дома од училиште, по што детето и неговиот татко биле пренесени во притворен центар во Тексас, соопштија училишните власти, пренесува The Guardian.

од desk4
20 прегледи

Станува збор за петгодишниот Лиам Рамос, кој заедно со својот татко бил приведен на приодот до нивниот дом во Коламбија Хајтс, предградие на Минеаполис. Информацијата на прес-конференција ја соопшти надзорничката на училишниот округ Зена Стенвик.

Според училишниот округ, Лиам е едно од четирите деца кои во последните две недели биле приведени од федерални имиграциски агенти, во рамки на засилените акции на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во регионот.

Стенвик изјави дека веднаш се упатила кон домот на семејството, каде што затекнала вклучен автомобил, додека таткото и детето веќе биле одведени. Според неа, агент на ICE го извел Лиам од автомобилот и му рекол да тропне на вратата за да провери дали има уште некој дома, што таа го оцени како користење на петгодишно дете „како мамка“.

И покрај барањата на друга возрасна личност од домаќинството да ѝ биде дозволено да се грижи за детето за да не биде однесено во притвор, тоа било одбиено. Постариот брат на Лиам, ученик во средно училиште, се вратил дома дваесетина минути подоцна и ја затекнал куќата празна.

Адвокатот на семејството, Марк Прокош, изјави дека тие чекале одлука за азил и достави документи според кои таткото и синот легално влегле во САД преку официјален граничен премин. „Семејството направи сè според правилата. Тие не се криминалци и немаа налог за депортација“, истакна тој, додавајќи дека верува оти таткото и детето се заедно во притвор.

Од друга страна, Министерство за внатрешна безбедност на САД соопшти дека станувало збор за „таргетирана операција“ за апсење на таткото, кој бил опишан како „нелегален странец“. Помошничката секретарка Триша Меклафлин изјави дека ICE не го таргетирал детето и дека агент останал со него од безбедносни причини.

Училишниот округ објави и изјава од наставничката на Лиам, која рече дека неговото приведување предизвикало шок. „Лиам е бистар, љубезен и полн со љубов. Неговите соученици го бараат секој ден. Сè што сакам е да се врати и да биде безбеден“, наведе таа.

Во истата општина, според училишните власти, во последните денови биле приведени и други малолетници меѓу нив и 17-годишни ученици, како и 10-годишно девојче, кои заедно со родителите биле однесени во притворен центар во Тексас.

Правните застапници и образовните власти предупредуваат дека ваквите случаи оставаат длабоки трауми не само врз семејствата, туку и врз целата локална заедница, особено кај децата кои сведочат на вакви апсења.