Германската полиција спречи напад врз приватниот авион на канцеларот Мерц

Германската полиција спречила обид за оштетување на приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој бил паркиран во хангар во западногерманскиот град Арнсберг, соопштија денеска надлежните институции.

од desk4
22 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ЗДФ

Според соопштението на државното обвинителство, во ноќта меѓу среда и четврток полицијата спречила три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, кои неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, со намера да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада. Авионот се наоѓал во еден од хангарите, а штета не била причинета.

По инцидентот, со соопштение се огласи групата Отпор колектив, која ја презеде одговорноста за обидот за напад. Во реакцијата тие наведуваат дека акцијата била дел од протест против користењето приватни авиони во услови на, како што велат, ескалација на климатската криза.

Меѓу приведените е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. Таа, според германските медиуми, веќе е предмет на истрага и во Австрија, откако претходно со боја го оштетила седиштето на Австриска народна партија (ÖVP), во обид да го попречи формирањето коалиција со десничарската FPÖ.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц поседува пилотска дозвола и е сопственик на двомоторен авион од австриско производство, модел Diamond Aircraft DA62. Според германските медиуми, авионот бил набавен пред околу седум години по цена од приближно еден милион евра.

Истрагата за обидот за напад е во тек, а надлежните најавуваат понатамошни правни постапки против приведените лица.