Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари изјави дека пратениците од коалицијата „Европски фронт“ нема да гласаат за Законот за прекршоци, притоа посочувајќи неколку барања за измени. Вели дека разговарале со другите координатори за техничките прашања, добиле гаранција, но смета дека како пратеничка група не се доволни објаснувањата.
-Бевме јасни дека законот е противуставен и тоа го кажавме јасно. Извештаите за прекршоци не стигнуваат на албански јазик и стравувам дека има уште многу работа за усогласување на сообраќајните знаци со овој закон. Добиваме ветувања, но гледаме дека и по една и пол година ниту едно ветување не се остварува. Ние гласаме според нашето убедување и убедувањето на граѓаните. Немаме верба дека ќе се направат измените во иднина, рече Ајдари на седницата во Собранието на која треба да се гласа за законите кои се важни за почетокот на системот „Безбеден град“ кој е предвидено да стартува на 1-ви февруари.