Законот за прекршоци помина со 81 глас – „Безбеден град“ стартува од 1. февруари

Од 100 присутни пратеници, 81 гласаа „За“, 19 „Против“ и немаше воздржани

од Nikola Popovski
71 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Според најавите, денеска на собраниска седница се гласаше за измените на Законот за прекршоци, потребен за да може да профункционира системот „Безбеден град“, од 1-ви февруари. Од 100 присутни пратеници, 81 пратеник гласаа „За“, 19 „Против“ и немаше воздржани. Со тоа, законот го доби потребното двотретинско мнозинство.

По ова следуваше барањето на пратеничката група на ДУИ за поединечно гласање и јавно произнесување. По него, спикерот Африм Гаши потврди дека резултатите се исти и дека законот е усвоен.

По лидерската и состанокот на координаторите на пратеничките групи, поддршка имаше од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, како и од опозициските Левица и ДУИ. Сепак подоцна од ДУИ се премислија и одбија да го поддржат законот, со оглед, како што велат, извештаите за прекршоци не стигнуваат и на албански јазик.

Опозициската СДСМ порача дека нема да гласа, поради како што изјави лидерот на партијата Венко Филипче, сомнежи за можна злоупотреба на личните податоци.

Од МВР посочуваат дека откако системот почна да се тестира, драстично е намален бројот на сообраќајни несреќи.