Пензионираниот генерал го нарече Трамп „кукавица кој никогаш не бил на првата линија на фронтот“, нагласувајќи дека таквите изјави ја преминале „црвената линија“, особено затоа што доаѓаат од човек кој никогаш не служел војска.
Во интервју за Fox News, Трамп ја доведе во прашање доверливоста на сојузниците во НАТО. „Дали ќе бидат таму ако некогаш ни затребаат? Не сум сигурен“, изјави тој, додавајќи дека сојузниците „испраќале сили во Авганистан, но останувале подалеку од првата линија на боиштето“.
Овие тврдења предизвикаа жестоки реакции во Полска, но и пошироко, бидејќи се во спротивност со фактите за учеството и жртвите на НАТО-сојузниците во Авганистан и Ирак.
Генералот Полко потсети дека во Авганистан и Ирак учествувале војници од бројни НАТО-држави, од кои многумина ги загубиле животите. По САД, најмногу жртви во Авганистан имале Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија и Полска, каде што загинале 44 полски војници. Во Ирак, животот го загубиле 23 полски војници.
„Ова е цинизам на кукавица која самата никогаш не била на фронтот. Во таа смисла, Трамп наликува на Путин, води војни, а никогаш не се приближува до првата линија“, изјави Полко за телевизијата TVN, додавајќи дека полските војници биле на првите линии, ризикувајќи ги своите животи во борбата против тероризмот. Тој го повика Трамп јавно да се извини.
Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш нагласи дека Полска секогаш била и ќе остане сигурен и одговорен сојузник. Тој потсети дека полската армија, заедно со сојузниците, учествувала во мисии во Авганистан и Ирак и дека жртвата на загинатите војници никогаш не смее да се потценува.
И министерот за надворешни работи Радослав Сикорски истакна дека покраината Газни во Авганистан, каде што дејствувале полските сили, била на првата линија на боиштето. „Никој нема право да ја исмејува службата на нашите војници“, порача тој.
На изјавите на Трамп реагираше и британскиот премиер Keir Starmer, кој ги нарече „навредливи и искрено застрашувачки“, оценувајќи дека американскиот претседател треба да се извини за кажаното.