Имотна состојба: Во ДКСК се уште го „нема“ Aнкетниот лист на Ѓорѓиевски  – казните „симболика“ од 300 до 500 евра!  

Иако законските рокови за објавување на имотната состојба се пробиени и иако имаше најава дека податоците ќе бидат достапни – Анкетниот лист на првиот човек на Град Скопје,  Орце Ѓорѓиевски, се уште го нема во официјалната база на податоци на Антикорупциска комисија

од Vladimir Zorba
29 прегледи Фото: Фејсбук

Иако законските рокови за објавување на имотната состојба се пробиени и иако имаше најава дека податоците ќе бидат достапни – Анкетниот лист на првиот човек на Град Скопје,  Орце Ѓорѓиевски, се уште го нема во официјалната база на податоци на Антикорупциска комисија.

Анектниот лист на градоначалникот не е достапен во ниту една од базите:  „Податоци за имот и интереси“, „Регистер на избрани и именувани функционери“ и „Анкетни листови поднесени пред 01.01.2024 та“.  Она што е впечатливо е дека го нема ниту Анкетниот лист на Ѓеорѓиевски како градоначалник на Кисела Вода. Откако ДКСК објави дека ќе има прекршочни казни за функционерите кои во законскиот рок не го доставиле Анкетниот лист, од кабинетот на градоначалникот Ѓорѓиевски изјавија дека тој ќе ги достави податоците.

Фото: Принтскрин

„Поради интензивните работни обврски поврзани со преземањето на функцијата градоначалник на Град Скопје и итното ставање во ред на состојбите затекнати во градот, кои беа во алармантно лоша состојба, во изминатиот период не беше поднесен анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата. Градоначалникот ќе ја испочитува законската обврска и во наредните денови ќе го поднесе анкетниот лист до ДКСК“ – соопштија  на 17 ти декември од Кабинетот на градоначалникот.

Последните достапни податоци за имотната состојба, Ѓеорѓиевски ги доставил до ДКСК од позиција на член на Советот на општина Кисела Вода. Тогаш во Анкетниот лист напишал дека на лично име има два станови од 67 и 64 квадратни метри додека на име на родителите пријавени се куќа, викенд-куќа и градежно земјиште. Наведени се три автомобили, два на име на Ѓеорѓиевски и еден на родителите. Пријавен е и кредит во износ од околу 40 000 евра но не се знае кој е носител, а како карактеристика само е посочена  2020 та година. Од позиција на градоначалник на Скопје, Ѓеорѓиевски изјави дека немал промена во имотната состојба.

Фото: Принтскрин

Сепак дали е тоа така треба да покажата податоците од Анкетниот лист кој на истекот од јануари, сеуште го нема.

„Согласно со член 82 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси сите избрани градоначалници на Локалните избори 2025 година имаат обврска, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, да поднесат изјава за имотна состојба и интереси“ – предвидува законската регулатива. Но обврска за изјава за имотната состојба имаат и градоначалниците чиј мандат завршил.

Така, во базата на податоци за градоначалници чија мандат завршил има 44 имиња, меѓу кои и на оние кои биле на позиции  во 2017 та и 2021 ва. Во базата „Анкетни листови пред 1 јануари 2024“ има нешто над 100 имиња, но и овде ги нема податоците на скопскиот градоначалник Ѓеорѓиевски. Во “папката“ именувана “Податоци за имот и интереси“ регистрирани се 77 Анкетни листови на градоначалници, но и овде го нема името на скопскиот градоначалник. Во оваа база веќе се достапни податоците за поголем дел од градоначалниците, вклучувајќи ги и оние кои задоцнија со доставување на податоци и беа казнети.

Фото: Принтскрин

Ненавременото поднесување на податоци за имотната состојба, што е законска обврска на функционерите, беше нотирано и во последниот извештај „Барометар на корупција“ на Транспаренси Интренешнал:

„Триесет и пет поранешни и 19 нови градоначалници не поднеле изјава за имотната состојба и интереси по локалните избори одржани на крајот на октомври и почетокот на ноември, констатирала Државната комисија за спречување на корупцијата. Сепак, дел од имињата од двата списока се преклопуваат, зашто се работи за старо-нови градоначалници. Некои, пак, поднеле како нови функционери, но не го поднеле истиот како поранешни. Меѓу најзвучните имиња кои не поднеле анкетен лист се поранешната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска, но и новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Тој има обврска да пријави и како поранешен градоначалник на Кисела Вода и како нов градоначалник на Скопје“

Прекршочните казни за неподнесување на изјава за имотната состојба изнесуваат од 300 до 500 евра, што според антикрупциските експерти се незначителни и симболични суми поради што, не ретко, функционерите одлучуваат да ги платат за да го избегнат објавувањето на податоци за семејната имотна состојба.

Д.А.