СКРМ за суспензијата на обоистката Петрушевска: Министерството за култура да обезбеди почитување на законите

„Нејасно е како едно лице може „да не биде казнето“, а истовремено да биде суспендирано, со забрана за влез во институцијата и со намалување на платата за 50 проценти. Доколку ова не претставува казна, тогаш станува збор за правен апсурд“, соопштија од Синдикатот на култура

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук/Фестивал Охридско лето

Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ) објави соопштение околу случајот со првата обоистка на на оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), Татијана Петрушевска, која беше времено суспендирана по конфликт со диригентот Едуард Амбарцумјан за време на пробите на новото дело „Мадам Бовари“.

Ставот на СКРМ го објавуваме интегрално:

„СКРМ внимателно и одговорно ги следеше сите случувања во текот на вчерашниот ден, вклучително и прес-конференциите на колешката Татијана Петрушевска и директорот на Националната опера и балет, г. Оливер Арсовски, како и јавните реакции на уметниците од оркестарот на Операта.

Со оглед дека СКРМ беше директно споменат во сите овие јавни настапи, чувствуваме институционална и морална обврска пред нашето членство и пред јавноста, јасно и недвосмислено да ја појасниме улогата и постапувањето на СКРМ во овој случај.

На прес-конференцијата, колешката Татијана Петрушевска изјави дека е благодарна за понудената помош од СКРМ. Веруваме дека оваа изјава е дадена ненамерно, бидејќи создава впечаток дека СКРМ самостојно и без повод се вмешал во работата на синдикалната организација при Оркестарот на МОБ.

Заради коректно информирање на јавноста, укажуваме дека фактите се следни: помошта од СКРМ беше побарана директно од колешката Петрушевска и беше обезбедена откако правниот тим на СКРМ утврди сериозни и груби прекршувања на постапката, со елементи на директно непочитување на Законот за работни односи, Законот за култура и релевантните колективни договори.

Во таа насока, документите кои СКРМ ги објави не се произволни, ниту извадени од контекст, туку се составен дел од постапка што е активна од моментот на суспендирањето на колешката Петрушевска и изрекувањето мерки со кои ѝ се забранува пристап до институцијата.

Дополнително, укажуваме дека реакцијата на синдикалната организација на Оркестарот при МОБ, согласно основните синдикални принципи и воспоставената практика, требаше најпрво да биде доставена до СКРМ, а потоа јавно објавена преку официјалните синдикални канали. Наместо тоа, беше пласирана како јавна објава на официјалната страница на Националната опера и балет, со содржина која манипулативно алудира дека ставот на СКРМ бил избрзан и донесен без консултација со членството.

Потсетуваме дека ниту една јавна позиција на СКРМ не претставува личен или индивидуален став. Сите ставови се донесуваат со согласност на највисокото одлучувачко тело – Советот на СКРМ, во кој членуваат претседателите на сите синдикални организации, ВКЛУЧИТЕЛНО и претставници на Оркестарот при МОБ.

Очекувањето дека СКРМ пред секоја јавна објава треба да спроведува поединечни консултации со секој член, кој што има претставник во највисокиот орган на синдикатот е неосновано и не постои како пракса во ниту еден функционален синдикален систем.

СКРМ не навлегува во причините или оправданоста за покренување постапка против колешката Петрушевска, ниту расправа дали постапката требало или не да биде иницирана. Единствената и доследна позиција на СКРМ е дека секоја постапка мора да се води строго во согласност со законите, колективните договори и начелата на правна сигурност.

Постапка спроведена спротивно на законските прописи е незаконска, независно од функцијата или позицијата на инволвираните страни.

Во таа смисла, јавните изјави на директорот на институцијата се суштински контрадикторни. Нејасно е како едно лице може „да не биде казнето“, а истовремено да биде суспендирано, со забрана за влез во институцијата и со намалување на платата за 50 проценти. Доколку ова не претставува казна, тогаш станува збор за правен апсурд.

Суспензијата од работа, според добрите практики во трудовото право, претставува исклучителна и привремена мерка, чија примена мора да биде строго оправдана, фактички и правно прецизно образложена,и пропорционална на наводното дејствие.

Секое отстапување од овие принципи создава впечаток на несразмерност и го доведува во прашање легитимитетот на мерката.

Дополнително загрижува фактот што директор на јавна установа јавно коментира и навестува оставка на претседател на синдикална организација во сопствената институција, што претставува директно мешање во синдикалната автономија и сериозно нарушување на синдикалните права, што е спротивно и на домашното законодавство и на меѓународните трудови стандарди.

Имајќи ја предвид надлежноста на Министерството за култура како орган кој врши основачки и управен надзор над националните културни институции, СКРМ очекува Министерството внимателно да ги согледа сите аспекти на случајот и во рамки на своите законски овластувања, да обезбеди почитување на законите, колективните договори и уставно загарантираните синдикални права, а не со својата веќе утврдена формална ноншалантност и оддалеченост од суштината на проблемот да остава впечаток дека повредите на законите се третираат како административен детал, а не како прашање на принципи.

СКРМ очекува Министерството да ја напушти својата веќе позната позицијата на декларативна дистанца и во рамки на своите овластувања, активно да обезбеди почитување на законите, колективните договори и уставно загарантираните синдикални права.

Рамнодушноста на надлежниот орган, во услови на јасно укажани повреди на закон и синдикални права, не претставуваат никаква воздржаност, ниту некој сака да ги поставува во улога на „суд или арбитер”, едноставно самите го потенцираат фактичко преземање страна, односно страната на посилниот.

СКРМ нема да молчи пред самоволие, институционална незаинтересираност и кршење на законите. Молкот пред неправдата не е никаква неутралност, тоа претставува директно соучесништво. Како синдикат, ние дејствуваме и ќе дејствуваме одговорно, затоа што тоа ни е должност, не од корист, не од страв, и не од политичка или лична пресметка. Законот мора да важи еднакво за сите, или престанува да биде закон.

СКРМ ќе продолжи решително и без отстапки да ги брани работничките и синдикалните права и нема да дозволи ничија функција, суета или позиција да се издигне над законите и колективните договори.

СКРМ тежнее кон најдобар и законски исход за сите засегнати страни, во интерес на уметниците, институцијата и јавноста“, велат од Синдикатот.

По јавните реакции за суспензијата на првата обоистка Татијана Петрушевска, со соопштение се огласи и директорот на Македонската опера и балет, Оливер Арсовски, кој ја брани одлуката на управата и инсистира на ред, дисциплина и почитување на хиерархијата во институцијата.

Во изјавата, Арсовски наведува дека наводите изнесени од Петрушевска се „невистинити и паушални“ и дека дисциплинската постапка е поведена согласно Законот за култура, врз основа на изјави од вработени и од диригентот на претставата. Тој нагласува дека диригентот претставува водечки авторитет во оркестарот и дека управата нема да дозволи нарушување на работните процеси и уметничките стандарди.

Сепак, во самото соопштение директорот јасно посочува дека нема да изнесува конкретни факти, повикувајќи се на тоа дека дисциплинската постапка сè уште е во тек. Со тоа, јавноста останува без одговор на клучните прашања за начинот на водење на постапката, додека институционалната неутралност се заменува со повикување на авторитет и хиерархија.